ЗНМ и ССНМ реагираат на односот на Филипче кон новинарите од „Алфа“: Загрижувачка пракса

ЗНМ и ССНМ предупредуваат дека личните политички пресметки на политичари со новинари и медиуми стануваат сè позагрижувачка и повторувачка пракса во јавната комуникација. Тие потсетуваат дека критичките прашања не смеат да бидат повод за дискредитација, притисок или јавно таргетирање на новинари и редакции.

„Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници повторно реагираат на неприфатлив однос кон новинари од ТВ Алфа за време на вчерашната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

ЗНМ и ССНМ изразуваат загриженост што ваквата комуникација веќе не изгледа како изолиран инцидент, туку како повторувачка пракса во која лични и партиски пресметки се пренесуваат врз конкретни новинари и медиуми. Јавните настапи на политичките лидери не смеат да се користат за омаловажување, етикетирање или создавање впечаток дека одредени новинари или редакции треба да бидат ‘казнети’ поради нивното известување или поставените прашања“, забележуваат ЗНМ и ССНМ.

Според нив, новинарите имаат право да поставуваат прашања од јавен интерес, вклучително и непријатни или критички прашања, без да бидат изложени на навреди, дискредитации или пораки кои можат да се разберат како притисок.

„Политичарите, особено претседатели на политички партии и носители на јавна одговорност, имаат обврска да покажат повисоко ниво на толеранција кон медиумите и да одговараат аргументирано, наместо да влегуваат во лични конфронтации со новинари. ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека медиумите и новинарите не смеат да бидат третирани како продолжение на дневнополитичките пресметки. Јавните квалификации, заканувачки формулации и персонализирани пораки кон новинари не придонесуваат кон демократска дебата, туку создаваат атмосфера на притисок и недоверба“, реагираат тие.

Ваквата реторика, посочуваат ЗНМ и ССНМ, е особено проблематична кога доаѓа од политички лидери, бидејќи, како што велат, може да охрабри дополнителни напади, навреди и кампањи против новинари и редакции.

„Слободата на информирање подразбира право на медиумите да поставуваат прашања, да истражуваат и да објавуваат информации од јавен интерес, без страв од политичка одмазда или јавно таргетирање. ЗНМ и ССНМ ги повикуваат сите политички партии и нивните лидери да се воздржат од комуникација што ги претвора новинарите во предмет на лични пресметки. Демократската зрелост се покажува токму преку подготвеноста да се одговори на критички прашања, а не преку дискредитација на оние што ги поставуваат“, стои во реакцијата.

ЗНМ и ССНМ: Недозволиво е претседател на партија да упатува тешки обвинувања и да дискредитира новинари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот