Зеленски: Не е размена на територии ако заменуваш своја територија за своја територија
Претседателот на Украина Володимир Зеленски е дециден дека идејата за отстапување на територија на Русија е неприфатлива за Украина.
Препорачано
Не е размена на територии доколку заменуваш своја територија за своја територија. Не е размена кога заменуваш ништо за своја територија. Тоа е само желба на некого и не знам зошто е така. Да се каже Русите нема да ви бараат дополнителна територија ако им дадете дел од вашата, не е размена. Тоа е лудо. Не знам што е, но тоа не е размена, рече украинскиот претседател.
Тој бара зголемување на притисокот врз Русија, а замрзнатите руски средства да се пренасочат во поддршка за Украина, не само за хуманитарни цели туку и за одбранбени – за набавка на европско и американско оружје.
– Ние треба да се одбраниме. Да се одбраниме и да одговориме. Ако не сакаме да им дадеме шанса (на Русите) да победат, не треба само да се браниме, изјави Зеленски.
Украинскиот претседател упати пораки со благодарност кон европските лидери што ја поддржуваат Украина, за иницијативата на САД за купување америкнако оружје кое ќе им биде отстапено на украинските вооружени сили.
– Тоа е многу важен сигнал и притисок. Ние сме благодарни и за сигналот од ЕУ за финансиска поддршка за Украина за 2026 и 2027 година, рече Зеленски.
На прашање дали во наредните денови ЕУ планира да предложи мировен план за Украина, Зеленски рече дека не знае дека постои некаков европски план, но дека Киев разговара со своите партнери и добри пријатели за начините за постигнување мир.
– Сакаме да бидеме подготвени. Не би сакал некој од некаде на масата да донесе некаков план од некого од Русија преку една или трета земја, рече Зеленски.
Според него, за да се разговара за некаков мировен план прво треба да се постигне прекин на огнот и Русија да биде подготвена да преговара.
– Русија засега не покажува дека сака да ја запре оваа војна. Ако се засили притисок врз Русија и тие ќе седнат и ќе преговараат. Мислам дека тоа е планот, додаде Зеленски.


