Здрав и вкусен рецепт на Стефанија Несторовска: Пица од карфиол
Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa, денеска ни приготви лесен, вкусен и здрав оброк – пица од карфиол.
Препорачано
Состојки:
– 1/2 половина карфиол од средна големина
– 60 мл вода
– 35 г овесно брашно
– 1+1/2 лажичка прашок за печиво
– 1 лажичка сол
– 1 лажичка оригано
– состојки за горниот дел по желба

Подготовка:
Се мие карфиолот со чиста ладна вода и се двои на помали парчиња. Во тенџере се додава вода, доволно да го прекрие карфиолот. Се остава водата да зоврие и потоа се додаваат парчињата карфиол.
Се вари две-три минути и потоа се намалува температурата и се остава да се готви сѐ додека карфиолот не е потполно мек кога ќе се боцне со виљушка. Се цеди од водата во којашто се варел и се остава малку да се излади, доволно за да не се изгорите.
Во чиста крпа или газа се додава варениот карфиол и се цеди од водата. Овој чекор е доста важен, затоа притискајте и цедете колку што можете повеќе. Се додава карфиолот во сад, а доколку сѐ уште има некој парчиња што не се испасирале при цедењето, испасирајте ги.
Се додаваат и другите состојки и убаво се промешува. Смесата треба да биде налик на тесто и лесно треба да се оформува. Додајте вода или брашно по потреба. Се става хартија за печење на површината на работната маса, се додава тестото и одозгора се додава уште едно парче хартија за печење. Со сукало или со дланки формирајте пица во големина и форма по желба.
Додајте го тестото заедно со долниот дел од хартијата за печење на тава за печење. Се пече на загреана рерна од 220 степени Целзиусови околу 25 минути. Се додаваат топинзи по желба и се пече уште дополнителни 10 минути.


