Завршни зборови: Тоа што Ивана ја зеде Катја со себе, не е отсуство на љубов, туку трауматска перцепција дека Катја ќе страда со Стојанче
Тоа што Ивана Стојановска со себе ја зеде и Катја и скокна од балкон, не е отсуство на љубов кон ќерката, туку трагично изобличена перцепција под траума како резултат на долгогодишното насилство од Стојанче Јовановски, утврдиле психијатрите кои го работеле нејзиниот психолошки профил на барање на Обвинителството. Ваквите наоди денеска во завршните зборови ги презентираше обвинителката Адела Бојчевиќ, во предметот каде Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство, телесни повреди при вршење семејно насилство и загрозување на сигурноста. Обвинителството предложи судот да го осуди Јовановски на максимална казна за сите три дела, како порака за генералната превенција дека психичкото насилство може да убива како и физичката сила.
Препорачано
-Критичниот ден Ивана не донела автономна одлука, туку била доведена до психолошки колапс, не гледала алтернатива и перцепцијата ѝ се стеснила на една опција – одземање на живот. Се постави прашањето како може една мајка да посегне по животот на своето дете? Ваквата одлука не е во отсуство на љубов кон ќерката, туку во трагично изобличената перцепција на Ивана под траума, илузијата на Ивана дека детето е заштитено ако е со неа. Во состојба на когнитивно-патолошка перцепција дека детето е во непосредна опасност и дека единствениот начин да го заштити е да го задржи кај себе. Тоа се јавува кај жртви на трауми и насилство, верувала дека Катја ќе страда ако остане со Стојанче – рече обвинителката.
Таа додаде дека вклучувањето на детето е последица на психолошкиот колапс на Ивана и на долготрајното насилство, а не на слободна волја.
-Не ја турнал од балконот со рака, но со постојаниот терор ја довел до состојба таа да не види друг излез и затоа неговото однесување не може да се гледа изолирано од последицата. Кај него нема душевно заболување што ќе му го намали расудувањето, јасно ги разбира нормите и последиците од неговото однесување, но свесно одбира да не ги почитува. Има изразена љубомора, манипулативност, контрола, импулсивни агресивни реакции. Вештаците велат дека систематски ја следел, ги контролирал нејзините комуникации, го минимизирал физичкото насилство со зборовите дека „шамари не се тепање“, нема емпатија, има тенденција да се прикаже како жртва, има потреба за контрола и доминација. Тоа кај Ивана создало состојба на психичка исцрпеност. Насилството кај обвинетиот не е резултат на психотична состојба, туку негова трајна личносна карактеристика – манипулативност, искривување на вистината за самозаштита и тенденција одговорноста да ја префрли на други лица – рече Бојчевиќ.
Таа додаде дека насилството врз Ивана не било изолиран инцидент, туку модел на однесување со години, а обвинителката дури и презентираше СМС-пораки што Ивана му ги праќала на Стојанче да го прашува дали смее Катја да ја носи на роденден, за тој да не се налути како доказ за неговото насилно и контролирачко поведение.
Судот го опомена обвинетиот Стојанче Јовановски дека ќе биде отстранет од судница ако уште еднаш ја прекине обвинителката Адела Бојчевиќ која дава завршен збор во предметот каде тој е обвинет за наведување на самоубиство на сопругата Ивана Јовановска, чиј живот трагично заврши со пад од балкон на 2 март годинава заедно со шестгодишната ќерка Катја.
Јовановски ја прекина Бојчевиќ со довикување, поради што судијата Ивица Стефановски го опомена.
-Уште еден збор и ќе бидете отстранет од судница – рече судијата.
Обвинителката рече дека во текот на постапката изведен е обемен и конзистентен материјал, искази на сведоци, медицинска документација, снимки и други докази од кои се добива јасна слика за долготрајното насилство што го трпела Ивана од Стојанче.
Медицинската документација покажала хематоми и нагмечувања кај Ивана. Оштетената живеела во состојба на хроничен страв за домот и за своето дете, дека нема да има каде да живее и дека Стојанче ќе ѝ го одземе детето. Обвинетиот не вршел само физичко насилство, туку создавал и однос на егзистенцијална зависност кај жртвата, смета ОЈО.
Психијатриското мислење на барање на Обвинителството потврдило дека таа била во состојба на безизленост.
-Пред бракот била психички здрава без никакви психијатриски нарушувања. Таа подолг период била жртва на семејно и емоционално насилство што ја нарушило психичката стабилност, создало страв, беспомошност и трауматска врзаност. Во критичниот период Ивана била во психолошка криза со стеснето поле на свест. Долготрајното насилство ја разградувало жртвата ден по ден, со години. Вештите лица утврдија психичко последична врска меѓу насилството и психичката состојба на Ивана. Таа не била во можност да ја процени рационално ситуацијата и последиците. Непосредно пред настанот била во афект и со чувство дека нема институционална заштита – рече обвинителката.
Таа додаде дека Ивана стравувала дека ќе остане без сопствено живеалиште за себе и за детето, а обвинетиот бил свесен за оваа зависност и го користел тоа како средство на контрола и притисок. Ивана го плаќала кредитот, го уредувала домот, живеела за тој дом и се плашела обвинетиот да не ѝ ја одземе Катја.
-Стојанче многу добро знаел дека најголемата слабост на Ивана се домот и Катја. Барал 30 илјади евра за да ѝ го врати сопствениот дом. Домот бил користен како средство за уцена. Поради страв таа се враќала кај него. Во последните часови кога конечно ѝ се отвора можноста да си ги земе работите и да си замине, обвинетиот со зборовите што ѝ ги упатил „ќе ја земам Катја и ќе ти го земам станот“, ѝ ги активирал нејзините два најголеми стравови. Што и да направи, си мислела дека ќе биде без детето и домот и иднината за која се борела – рече обвинителката Бојчевиќ во завршните зборови.

Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, која со него била во бракоразводна парница, а чиј живот трагично заврши на 2 март со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе, заедно со животот на шестгодишната ќерка Катја. Покрај за наведување на самоубиство, Јовановски е обвинет и за загрозување на сигурноста на Ивана, како и за телесни повреди при вршење семејно насилство.
Обвинителството досега изведе повеќе материјални докази, односно видеоснимки од камерите на „Сејф сити“ на кои се гледа како Јовановски ја удира Ивана, како и снимки од неговиот телефон на кои Ивана плаче откако е натепана. Презентирани беа и аудиоснимки од повикувачкиот центар 112, каде во повеќе наврати Јовановски бил пријавуван дури и од неговата мајка, за обид за убиство на Ивана. На дел од тие аудиоснимки во позадина се слуша очајното плачење на Катја, која извикува: „Тато ќе ја убие мама“. На друг повик пак, Ивана му се жали на операторот дека некој ја заклучил надвор од станот и не ѝ дозволува да влезе, на што добива совет да се обрати во куќниот совет за резервен клуч, а ако тоа не успее, да се јави повторно за да ѝ пратат противпожарна екипа да ја сруши вратата.
Вештаците од Институтот за судска медицина на минатото рочиште сведочеа дека Ивана имала и повреди на брадата и вратот кои датираат или од денот на самоубиството, или од претходниот ден. Токсиколошките анализи пак презентирани во судница покажаа дека Ивана немала психотропни супстанци во организмот, а Стојанче имал кокаин и дијазепам. Психијатар и психолог утврдиле дека нејзината психичка состојба е директен резултат на малтретирањето од Јовановски.
Според обвинението, Јовановски на 2 март 2026 година на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство телесно ја поврeдил неговата сопруга. Ја удирал со шлаканици и со тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди, од кои таа во еден момент и изгубила свест. Истиот ден, на паркингот зад Основниот кривичен суд Скопје, обвинетиот упатил и сериозни закани кон оштетената дека ќе нападне врз нејзиниот живот и тело, со што предизвикал кај неа чувство на несигурност, загрозување и страв.
Согласно обезбедените докази, обвинетиот подолг временски период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која кон него се наоѓала во положба на фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, па поради таквото постапување таа на 2 март извршила самоубиство кое може да се припише на небрежност на обвинетиот. Обвинетиот издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот.
Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата. Обвинетиот сè почесто ја тепал и ја омаловажувал во нивниот дом во присуство на нивната малолетна ќерка, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде што живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка.
Кога на критичниот ден жената повторно била изложена на неговото психичко и физичко малтретирање на повеќе локации, како и на неговите закани и навреди, се вратила во станот заедно со детето.
Побарала да се качи сама со ќерката во станот за да се спакува и да замине, но обвинетиот инсистирал да се качи со неа и продолжил да ѝ се заканува. Сведок на настанот го оттурнал обвинетиот и заедно се симнале пред зградата за да ја почекаат оштетената да се спакува. Но, малтретирањето ја довело оштетената во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв, безнадежност и чувство на безизлезност, и таа без разумно да управува и да ги контролира своите постапки, извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со нивното малолетно дете.


