Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска
Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Мирослава Симоновска

Нови снимки во судница: Стојанче Јовановски кај Кривичниот суд ја тепа Ивана со шлаканици, два часа пред самоубиството

Во скопскиот Кривичен суд продолжува судењето на Стојанче Јовановски, обвинет дека ја навел на самоубиство својата сопруга Ивана, чиј живот на 2 март трагично заврши со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе, заедно со шестгодишната ќерка Катја. Покрај за наведување на самоубиство, тој се товари и за загрозување на сигурноста на Ивана и за телесни повреди при вршење семејно насилство. Судењето е во фаза каде се изведуваат материјалните докази на Обвинителството, а на наредните рочишта се очекува да се произнесе и одбраната на Јовановски.

Обвинителството денеска презентираше две видеоснимки од периодот кога Стојанче Јовановски заедно со Мартин Саздов и Ивана пристигнуваат кај Кривичниот суд со возилото на Саздов критичниот ден на 2 март околу 11 часот и 30 минути. Тоа е два часа пред самоубиството. На снимките се гледа како обвинетиот Јовановски гестикулира со рацете, вика и ѝ објаснува нешто и ја удира Ивана со шлаканица по левата страна од лицето. Камерата што го снимила инцидентот е од катната гаража „Судска палата“, а присутен на настанот бил и Мартин Саздов, како што можеше да се види од снимката. Регистрирано е и дека Ивана се јавува на телефон да повика полиција. Полицијата доаѓа на местото во делокругот на судовите, разговара со Мартин, со Ивана и со Стојанче. По разговорот, потпишуваат некакви документи и сите си заминуваат. Стојанче ѝ се смее на Ивана откако полицајците го напуштаат просторот, сите тројца влегуваат во возилото и заминуваат од судот.

Презентирана беше и втора снимка во близина на судот, каде Ивана пак повикува полиција. Податоците извлечени од мобилниот телефон на Стојанче Јовановски не беа презентирани во судница, но беа доставени во судските докази против него од страна на Обвинителството. Доставен беше и договорот за дар на станот, обдукциските извештаи, извештаи од Центарот за социјални работи Скопје, документација од Клиниката за дигестивна хирургија, извештаи од претресот на станот итн.

Во досегашниот тек на процесот, Обвинителството изнесе снимка од „Сејф сити“ од втори март, на која се гледа дека во 11 часот утрината, три часа пред самоубиството, Стојанче Јовановски на јавен простор пред гимназијата „Нова“ во Тафталиџе, ѝ удира три шлаканици на Ивана. Истиот ден, два часа пред самоубиството, Јовановски според сведоци на рочиштето ја тепал Ивана и кај Кривичниот суд, ја давел во автомобил од што таа изгубила свест. Мартин Саздов, поранешен пријател на Стојанче, а подоцна партнер на Ивана, изнесе тврдења дека малтретирањето на Ивана траело, дека таа се плашела од Стојанче, а во август 2025 година Стојанче ги оставил Катја и Ивана претепани на автопат во близина на Штип и си заминал за Скопје. Причината била дека „се изнервирал што Ивана го згрешила патот на мапата за навигација“.

Во судскиот процес изнесени беа и снимки од повици со пријави кон Стојанче Јовановски на бројот 112. Во еден наврат, како што се слушаше од аудиоснимките во судница, Стојанче го пријавила мајка му за „обид за убиство“, а во позадина се слушаше и очајничкото плачење на Катја и нејзините зборови: „Тато ќе ја убие мама“. За несензибилираноста на службите сведочеше и аудиоснимката што беше пуштена во судница, каде Ивана Јовановска се јавува и прашува каде да се обрати кога некој ќе ја заклучи надвор од станот. Операторот на 112 не само што не ја прашува кој ја заклучил надвор од станот, туку ја упатува да се обрати во куќниот совет на зградата да бара дупликат клуч, а ако тоа не успее ѝ кажува дека ќе викнат противпожарна служба да ја урне вратата.

На трета аудиоснимка Ивана го пријавува сопругот дека чува дрога во нејзиниот стан, но бидејќи полицискиот службеник не ги добива генералиите на Стојанче Јовановски, не се направил дополнителен обид да се лоцира адресата од каде што е повикот и тој најверојатно останал непроцесуиран.

Внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција достави известување за 39 свои припадници кои погрешно постапиле по пријавите на Ивана за семејно насилство.

Јовановски многу пати бил пријавуван од својата сопруга и од нејзини блиски дека е насилен и агресивен, а не изостанувале ниту пријавите од соседите, но и од случајни минувачи на јавен простор. Како што објави „Слободен печат“, Јовановски на 19 декември 2025 година ја тепал Ивана пред шестгодишната Катја во паркот во скопската населба Ѓорче Петров, а грозната сцена ја посведочила и пријавила Ивана Белчева. Но, на МВР му требале 45 дена да испрати известување до Центарот за социјални работи Скопје дека имало „прекршок на јавниот ред и мир“. Семејното насилство најверојатно не го регистрирале, иако можеле да го заведат делото и под „загрозување на сигурноста“ што се гони по службена должност. Јовановски ја турнал Ивана по скалите додека била хоспитализирана на Клиниката за дигестивна хирургија, не бил приведен туку си заминал, иако дошле инспекторки на повик на болницата.

Јовановски според Обвинителството сè почесто ја тепал и омаловажувал Ивана во домот во присуство на Катја, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Обвинетиот Јовановски според Обвинителството издејствувал сега починатата Ивана Јовановска во ноември 2022 година да му го отстапи со Договор за дар својот идеален дел од станот во кој живееле заедно со нивната малолетна ќерка, со тоа што оштетената и детето требало да останат да живеат во станот. Но, по стекнувањето на сопственоста, обвинетиот започнал психички и физички да ја малтретира, а во 2025 година интензитетот на малтретирањата преоѓа во сурово и нечовечко постапување кон сопругата.

Нови снимки во судница: Стојанче Јовановски кај Кривичниот суд ја тепа Ивана со шлаканици, два часа пред самоубиството

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот