Законот што треба да го смени „балансерот“ за вработувања во администрацијата по етнички клуч, помина на владина седница
Владата соопшти дека на седница го усвоила Законот за правична и соодветна застапеност, со кој, според самата Влада, „уставниот принцип за застапеност на заедниците за првпат добива конкретна законска рамка и станува задолжителен за сите државни институции“.
Препорачано
Ова законско решение доаѓа како одговор на укинувањето на т.н. „балансер“ од страна на Уставниот суд, кој претходно беше средството со кое државата требаше да обезбеди правична застапеност на малцинските етнички заедници во државната администрација.
Новиот систем, велат од Владата, е изграден врз препораките на Венецијанската комисија, што според властите, „му дава силен меѓународен легитимитет и правна сигурност“.
„Главните столбови на законот се: Координативно тело: Владата ќе формира посебно тело кое директно ќе го следи и гарантира спроведувањето на законот во пракса. Меритократија пред сè: Квалификациите, стручноста и компетенциите остануваат примарен критериум за вработување. Етничката припадност се зема предвид само како секундарен фактор при еднакви резултати на кандидатите. Системско усогласување: Во рок од 6 месеци ќе се донесат сите потребни подзаконски акти за целосна имплементација низ сите институции“, велат од Владата.


