Венецијанската комисија даде позитивно мислење за Предлог законот за јавно обвинителство и за Предлог законот за Советот на јавните обвинители, оценувајќи дека тие се усогласени со европските стандарди и принципи за професионално, транспарентно и ефикасно обвинителство.
Фото: Министерство за правда

Венецијанска бара појасни критериуми – дали Законот за правична застапеност ќе го замени „балансерот“?

Предлог-законот за правична застапеност треба да се измени за да се усогласи со меѓународните стандарди и да стане ефикасна алатка за вработување врз основа на заслуги. Главниот проблем со нацртот е што тој останува многу општ и не го решава прашањето како всушност треба да функционира регрутирањето во пракса, пишува во мислењето Венецијанската комисија која даде „зелено светло“ за Предлог-законот.

– Комисијата сака да ги даде следните клучни препораки, вклучување подетални прописи во нацрт-законот, со кои ќе се разјасни како треба да се избалансираат принципите на „соодветна“ и „фер“ застапеност, како процесот на вработување треба всушност да функционира во пракса и кој механизам треба да се примени за да се обезбеди дека етничките критериуми за вработување не се користат на начин што може да го загрози вработувањето врз основа на заслуги. Јасно разјаснување во законот дека квалификациите се примарен критериум за вработување во јавни тела, дека припадноста кон недоволно застапена заедница може да се смета за второстепен критериум за подеднакво квалификувани и компетентни кандидати, и дека посебните мерки во корист на недоволно застапените заедници или на поединци кои припаѓаат на такви заедници треба да бидат во согласност со принципот на пропорционалност, кој бара, меѓу другото, таквите мерки да не се протегаат, во време или во опсег, надвор од она што е потребно за да се обезбеди целосна и ефективна еднаквост. Давање повеќе насоки за објективните критериуми што треба да се користат за да се потврди самоидентификацијата на кандидатот, кои се тесно дефинирани, строго неопходни и целосно усогласени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства; и утврдување на органот надлежен за таква верификација, како и последиците од докажана злоупотреба – пишува во заклучокот на Комисијата.

Мислењето на Венецијанската комисија за владејачката Вреди е успех, транспарентност и правда за сите граѓани, додека за потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи овој закон не може да го замени „Балансерот“. Ова се реакциите откако викендов на барање на премиерот Христијан Мицкоски стигна одговор од Венецијанската комисија, а со овој закон треба да се замени алатката „Балансер“ за вработување во јавните институции која Уставниот суд ја укина во октомври лани.

– За првпат правичната застапеност не останува заложник на политичката волја на владите, партиските пазарења или изборните манипулации, туку е регулирана со јасен, обврзувачки и надгледлив закон. Со овој закон, Вреди ја затвора клучната алка на Охридскиот договор. Фактите се неоспорни: Венецијанската комисија, највисокиот европски орган за уставни и правни прашања, исто така даде позитивно мислење за истиот закон. Ова дефинитивно ја побива пропагандата на ДУИ, која со години зборуваше за застапеност, но никогаш немаше храброст, волја и политичка чесност да ја регулира со закон – пишува Вреди во партиската реакција.

Потпретседателот на ДУИ Бујар Османи, пак,  на социјалните мрежи реагираше дека предметниот Предлог-закон не може да го замени механизмот „балансер“ оти има неколку недостатоци.

– Зошто новиот закон за „фер и соодветна застапеност“ е слаб и не може да биде замена за „Балансерот“? Бидејќи повеќе не е задолжителен, туку ориентирачки. Бидејќи не дејствува автоматски, туку зависи од волјата на администрацијата. Бидејќи не го блокира донесувањето одлуки кога е нарушена застапеноста, туку само ја евидентира. Бидејќи не дејствува ex ante туку ex post. Бидејќи не создава директни правни последици за непочитување. Бидејќи ја поместува еднаквоста од закон во јавна политика. Бидејќи дозволува толкување, одложување и релативизација. Бидејќи не гарантира вистинска застапеност, туку управување со застапеноста. Балансерот функционираше затоа што не оставаше простор за импровизација. Овој закон остава само простор. А кога законот создава простор, нееднаквоста секогаш го експлоатира. Не треба да помине! – напиша Османи.

Претходно, вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи објави дека Предлог-законот за правична и соодветна застапеност добил позитивна оценка од Венецијанската комисија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот