За да видите плажа во јули, тргнете во мај!
Таму, на границата, те чека Европа. Онаа Европа со редици долги по 4 километри, со печење под силното сонце, со луѓе што тапкаат во место и веќе не знаат дали одат на одмор или на тест за издржливост.
Патувањето некогаш беше уживање. Го пакуваш куферот, ставаш три маици, пет пара гаќи и неколку планови, и си велиш: „Ова лето ќе се одморам ко човек“.
Препорачано
И тамам ќе влезеш во филм – море, музика, лежалки, ладно пиво – тамам ќе стигнеш до граница… и оп, филмот се прекинува.
Не затоа што нешто си погрешил, туку затоа што реалноста има поинакво сценарио.
Таму, на границата, те чека Европа. Онаа Европа со редици долги по 4 километри, со печење под силното сонце, со луѓе што тапкаат во место и веќе не знаат дали одат на одмор или на тест за издржливост.
И тамам мислиш дека полошо од тоа не постои, еве ти ново изненадување: системот ЕЕС.
Звучи како нов модел на фрижидер. Или како некој стар југословенски бренд за правосмукалки. А, всушност, е систем што треба да те пушти во Европа побрзо.
Само што… те пушта побавно.
Те фотографира. Те скенира. Ти зема отпечатоци. Те гледа в очи како да проверува дали нешто си згрешил во животот. Ако може, ќе ти побара и крштеница од баба ти, за секој случај.
И тамам ќе помислиш дека си завршил – оп, уште една проверка.
Некој ќе каже: „Па добро, бе, безбедност“. Да де. И јас сум за безбедност. Нека ме проверуваат. Нека ме скенираат. Нека ме прашаат и што сум ручал вчера. Ама нека не ме оставаат да чекам три часа на граница како да влегувам во дискотека во 2003-та.
Затоа што тука веќе не зборуваме за безбедност. Тука зборуваме за трпение на светец.
А најинтересно е што ова се случува пред да дојде вистинската гужва. Ова е само загревање. Јули уште е далеку. Август уште не сме го ни помислиле. А веќе имаме сцени – луѓе што стојат по три часа, деца што се караат на задното седиште, луѓе што веќе го изеле сендвичот од бензинска и почнуваат да размислуваат дали да го јадат и вториот.
И тамам ќе помислиш дека најлошото е на граница… еве ти нова дисциплина: аеродром.
Таму ве чека ново ниво на хаос. Редови за пасошка контрола што не се поместуваат. Луѓе што гледаат во екранот и се надеваат дека нивниот лет ќе доцни – за првпат во животот. И најлошото – луѓе што го гледаат авионот како полетува без нив.
Во Милано, на пример, луѓе стоеле, чекале, ги минувале проверките на новиот систем, а авионот полетал, тие останале. Со куферот в рака. Со прстот в уста. Со билет што веќе не важи.
И тука доаѓа најголемата иронија. Европа – дигитална, модерна, брза.
И ти – нервозен, уморен, со пасош в рака и со неважечки авионски билет.
И сега да бидеме реални. Ние и без ЕЕС имавме гужва. Чекањето на граница во јули е посебен спорт. Тоа е дисциплина. Олимписка категорија. Колони што се движат по половина метар на секои десет минути. Деца што плачат. Луѓе што излегуваат од автомобили како да се на пикник.
Ако сега, во април, чекањето се сведува на 3 или 4 часа, тогаш што ќе биде во јули? Пет часа? Шест часа? Два дена?
Или ќе почнеме да си носиме шатори и да кампуваме пред пасошка контрола? Звучи смешно. А всушност е трагикомично. Затоа што кога системот не функционира како што треба, човек почнува да се снаоѓа. Да тргне порано.
Да остави простор за доцнење.
Европа сака да биде симбол на ред и организација. Ама ред не се прави со редици. Исто како што организација не се прави со хаос.
А патникот, како и секогаш, е некаде на средина. Меѓу желбата да стигне некаде и обврската да помине низ систем што сè уште учи како да функционира. Додека тој систем учи, ние ќе чекаме.
Затоа, не заборавајте, вашиот одмор ќе започне во моментот кога ќе ја поминете границата. А до тогаш – нерви, вода, сендвич и многу трпение.
Оти, како што стојат работите, ако сакате да уживате на плажа во јули, тргнете во мај.
ЕЕС системот донесе гужви и повеќечасовни чекања на аеродромите низ Европа


