Фото: Александар Вучиќ, претседател на Србија / EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Вучиќ загрижен пред Соренсен: Новите закони на Приштина го загрозуваат опстанокот на српскиот народ

Зборувајќи со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Петер Соренсен, српскиот претседател Алаксандар Вучиќ истакнал загриженост поради, како што рекол, намерата на Приштина да започне да спроведува нови закони кои би можеле да ја дискриминираат српската заедница“, пренесува Н1.

Вучиќ по средбата во Белград на Инстаграм наведе дека „посебно ја истакнал загриженоста поради намерите на Приштина од 15 март да започне со спроведување на нови ескалаторни и длабоко дискриминаторски одлуки“.

„Тие (одлуките) директно го загрозуваат опстанокот на српскиот народ на Косово“, пиша Вучиќ.

Белград најавениот Закон за странци го гледа како можна закана за прашањата за престојот, работата и опстанокот на илјадници луѓе кои функционираат во системот на институциите на Србија.

Тоа особено се однесува на образованието, бидејќи бројни студенти од Србија, од северот на Црна Гора, како и половина од професорите и соработниците на факултетите во Косовска Митровица, според новиот закон може да се сметаат за странци, пишува Н1.

Нови правила за српските таблички на Косово – најавена е строга примена на Законот за странци

Тие на територијата на Косово ќе можат да престојуваат најмногу три дена или да наведат причина за продолжен престој, а ако причината е студирање или работа на некој од факултетите, тогаш таа институција мора да биде акредитирана во Приштина.

„Замолив меѓународната заедница најсериозно да ги сфати овие исклучително важни прашања и да направи сè за да обезбеди почитување на правата на српската заедница на Косово“, наведува Вучиќ.

Тој нагласи и дека со приклучувањето на Косово кон регионален воен сојуз „дополнително се зголемуваат тензиите и се загрозува безбедноста на српскиот народ“.

„Ја истакнав неопходноста, без понатамошни одложувања, да се пристапи кон конкретни чекори за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО), на која српскиот народ на Косово чека веќе 13 години“, наведе Вучиќ, алудирајќи на Бриселскиот договор од април 2013 година.

Како што објави Н1, Приштина со тој договор се обврза дека ќе ја воспостави ЗСО, но одбива да го стори тоа бидејќи не сака да пренесе извршни овластувања на локалните заедници во кои мнозинството население е српско.

Со Соренсен се сретна и шефот на српската Канцеларија за Косово, Петар Петковиќ, кој изјави дека најавениот закон директно загрозува повеќе од 10.000 Срби кои живеат и работат во Косово, вклучувајќи ги нивните „основни човекови и граѓански права, правото на работа, правото на слобода на движење, правото на семеен живот, здравствена заштита и образование“.

И Петковиќ повтори дека е неопходно итно формирање на Заедницата на српските општини.

Косово со Декларација усвоена од Собранието на Косово прогласи независност на 17 февруари 2008 година. Независноста во меѓувреме ја признаа водечките западни земји, но не и Кина и Русија, како и пет земји-членки на ЕУ. Србија одбива да ја признае косовската државност, пишува Н1.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот