Второ место за Табаковски на Европското првенство во шах за аматери

Голем успех на Дино Табаковски на ЕП во шах за аматери во Загреб, Хрватска/Фото: ШК Алкалоид

Младите надежи на Шаховскиот клуб „Алкалоид“, Дино Табаковски и Стојан Велкоски имаа успешен настап на сениорското „Европско првенство во шах за аматери“, кое од 14 до 21 август се организираше во Загреб, Хрватска. Организатори беа Шаховскиот сојуз на Хрватска и Европската шаховска унија, а на турнирот играа над 170 играчи од 22 земји, поделени во три категории. Конечниот пласман и резултатите можете да ги погледнете ТУКА

Табаковски го освои второто место во категоријата на играчи со рејтинг до 1700 поени, остварувајќи две победи против директните конкуренти за медал во последните две кола. Со вкупно седум бода од можни девет, тој се најде веднаш зад сензационалниот победник Иван Марфат од Хрватска, играч без рејтинг во класичен шах, кој единствен собра осум бода.

Табаковски влезе на турнирот како осми играч по рејтинг, но во оваа најнеизвесна категорија другите фаворити поминаа лошо, па така само тројца од првите десет пред стартот успеаја и на крајот да бидат во „топ 10″.

Велкоски имаше речиси перфектен турнир сè до последното коло меѓу играчите со рејтинг до 2000 поени, кога му требаше само реми за второ место. Со несреќен пораз, тој се најде на делба на третото место со уште двајца играчи кои имаа по 6,5 бодови. По аплицирање на „тај брејк” критериумите, медалот му припадна на играч кој загуби од Велкоски во директен дуел, но имаше подобар „бухолц”. Во оваа категорија прв беше Турчинот Беркај Челик со осум бода.

На Европското првенство за аматери право на настап имаат сите шахисти без титули (ФИДЕ мајстор, Интернационален мајстор или Велемајстор). Минатата 2021 година за прв пат се организираше аматерско првенство во Македонија, а турнирот беше именуван според првиот претседател на шаховскиот сојуз, Блаже Конески.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот