Вреди тешко ќе ги нахрани сите „гладни усти“ за министри, Мицкоски негира плус министерство за владиниот партнер
Ако се потврдат неофицијалните информации дека при реконструкцијата на Владата ќе има и рокади на министерства, тогаш извесно е дека некои од министрите на Вреди ќе извисат. Се шпекулира дека смени и рокади ќе има во министерствата за правда, за здравство, за образование, а може и во локална самоуправа и во одбрана. Можно е ЗНАМ на Максим Димитриевски да остане само со еден ресор, а ресор помалку да добие и Вреди.
Најавената реконструкција на Владата можно е да предизвика судир помеѓу владините партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди за министерските позиции. Вреди атакува на уште едно министерско место, односно освен прв вицепремиер, да го задржи и ресорот животна средина, додека премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема потреба од ресор повеќе за Вреди.
Ова, пак, дополнително може да предизвика несогласувања во Вреди при распределбата на министерските позиции меѓу партиите што ја сочинуваат коалицијата.
Реконструкцијата на Владата ќе биде процес затоа што, како што најави Мицкоски, прво ќе бидат пополнети испразнетите позиции на „Илинденска“, но и во институциите што се испразнија поради назначување нови градоначалници од владејачката гарнитура. Потоа следува Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во декември. Паралелно со новите партиски престројувања, премиерот ќе размислува и за кадровски смени во Владата.
Препорачано
Мицкоски: А зошто Вреди да добие ресор повеќе?
Мицкоски не гледа причина зошто Вреди би го задржала Министерството за животна средина откако на местото на Изет Меџити, кој стана градоначалник на Чаир, прв вицепремиер ќе биде Беким Сали.

– А зошто да добие? Тоа не значи дека (Вреди) ќе има ресор повеќе. Тоа си е одлука на нашиот коалициски партнер. Јас имам високо мислење за Беким Сали, апсолутно тука не треба да имаме никаква дилема, но тоа не значи дека ќе има место повеќе (за Вреди) во владиниот кабинет. Ние сега сме фокусирани на Конгресот што ќе се одржи на 6 декември во Кавадарци, потоа на формирање партиската структура – Извршен комитет, општински комитети, други структури што се во рамките на партијата. Додека сето тоа трае, ќе размислуваме за одредени кадровски поместувања во рамките на Владата. Јас сум подготвен да разговарам со секого во рамките на коалицијата, тука нема никаква дилема, но мандатар сум јас, така што нормално е последниот збор како мандатар на Владата да го имам јас – рече Мицкоски.
Тој рече дека очекува во најскоро време да добие понуди со имиња за испразнетите функционерски места, а паралелно со партиската реконструкција, ќе размислува за реконструкција на одредени ресори и институции. Премиерот како шпекулации ги оцени информациите дека ќе има смени во ресорите правда и образование, затоа што тој, наводно, бил незадоволен од работата на тие министри.
– Не знам кој зборува, но реконструкција на Влада не се прави само за да се реконструира Владата и да кажеме, еве, ја реконструиравме. Пред кој било потег да се повлече, треба да се размисли дали тоа ново кадровско решение што би дошло ќе биде подобро од претходното. Тоа бара процес на сериозна анализа. Ова ќе биде процес што ќе трае, нема да биде од денес за утре – рече Мицкоски.
Прашан дали по локалните избори и поразот на коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, има интерес некоја партија од албанската опозициска коалиција да влезе во Владата, премиерот рече дека досега не разговарал со никого на каква било тема за прашањето поврзано со Владата.

Вреди не попушта, бара министерско место
Од Вреди остануваат на ставот дека ним им припаѓа ресорот животна средина, односно ако при реконструкцијата отпадне ресорот екологија, ќе треба да добијат друго министерство. Портпаролот на Вреди Дритон Сулејмани пред два дена изјави дека за министер за животна средина ќе предложат друг кандидат. Според нивната математика, Вреди од сегашните шест ќе има седум министри. Но со таа математика не се согласува Мицкоски. Дополнително, изборот на Меџити за градоначалник на Чаир ја остава неговата партија Демократско движење без министер во Владата. Оттука речиси е извесно дека при реконструкцијата ќе има големи претумбации на министрите и на ресорите со кои сега раководи Вреди. Меџити како еден од најзаслужните за победата на Вреди на локалните избори сигурно нема да се согласи да остане без свој репрезент во Владата. Од шесте министри на Вреди во Владата, Алтернатива со Беким Сали како прв вицепремиер и Орхан Муртезани како министер за европски прашања има двајца министри, плус претседател на Собранието. Двајца министри има Беса на Билал Касами – Фатмир Лимани (министер за социјална политика) и Бесар Дурмиши (за економија и труд), и двајца – крилото на Алијанса за Албанците кое се отцепи од Алијанса на Арбен Таравари – вицепремиерот Арбен Фетаи и министерот за здравство Азир Алиу.
Ако се потврдат неофицијалните информации дека при реконструкцијата ќе има и рокади на министерства, тогаш извесно е дека некои од министрите на Вреди ќе извисат. Се шпекулира дека смени и рокади ќе има во министерствата за правда, здравство, образование, а може и во локална самоуправа и во одбрана. Можно е ЗНАМ на Максим Димитриевски да остане само со еден ресор, а ресор помалку да добие и Вреди.
Јаневска ќе ја почитува секоја одлука на премиерот
Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека ќе ја почитува секоја одлука на премиерот доколку има реконструкција на Владата и ако биде сменета од ресорот што го предводи.
– На ова прашање веќе неколкупати сум одговарала и ќе повторам. Земјава има премиер кој го носи на својот грб најголемиот товар за позитивните промени кои се случуваат и допрва треба да се случат во Македонија. Оттука, негово полно право е, заедно со органите на партијата, да одлучува кого ќе предложи како Влада или кого ќе предложи за министер пред Парламентот. Секоја негова одлука апсолутно ќе ја испочитувам – рече Јаневска.

Освен Беким Сали како прв вицепремиер, Вреди ќе треба да му предложи на Мицкоски нови кадри за директорите кои станаа градоначалници. Управата за јавни приходи ќе треба да добие нов заменик директор на местото на Фисник Мела, кој стана градоначалник во Дебар. Двајца директори – по еден во претпријатието „Номагас“ и во Бирото за регионален развој ќе дојдат на местото на Мухамед Елмази и Даут Мемиши кои станаа градоначалници во Сарај и во Теарце. Ново кадровско решение Вреди треба да понуди и за директор на Инспекторат за локална самоуправа, на местото на Хаќим Рамадани, кого Мицкоски најави дека ќе го разреши по етничките испади како кандидат за градоначалник на Брвеница. На местото пак на Беким Сали во Собранието треба да дојде пратеник на Беса од Студеничани.
Лимани за „Слободен печат“: Не се повлекувам, во Кичево ја победивме диктатурата
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани нема да се повлече од министерската функција, иако ги изгуби изборите за градоначалник во Кичево. Тој за „Слободен печат“ вели дека останува на позицијата, бидејќи тоа што не се пласирал во вториот изборен круг за градоначалник на Кичево не е пораз туку „победа над диктатурата“.

– Останувам министер. Не е пораз, туку победа над диктатурата. 25 години играа оро, со 12 пара тапани. Сега ќе игра и ќе се развесели народот – вели Лимани.


