ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Жена со психички проблеми напаѓа соседи во Капиштец, полицијата е немоќна

Фото: Фејсбук/принтскрин

Скопјанка раскажа за вознемирувачки случај во населбата Капиштец, кој за среќа не завршил со потешки последици – таа била физички нападната од сосетка која има психички проблеми, за која вели дека постојано ги вознемирува и се однесува агресивно кон комшиите и минувачите.

„Жената, која живее во мојата зграда, утрово штом излегов од лифт физички ме нападна, со тупаници по глава, влечење за коса, врескање, вреѓање. На моите повици за помош никој од соседите не излезе. Боледува од шизофренија, со години без терапија, без медицински или каков било друг надзор. Против неа има десетици пријави во МВР, денеска уште една. Во ПС „Беко“ сите ја знаат, затоа што понекогаш им вреска и на полицајците, еднаш со камен ги гаѓала. Во моја зградата има десетина луѓе кои и се редовен „таргет“. Со најпогрдни зборови вреѓа, се заканува, ги вади од памет децата, а еве од денеска почна и да тепа“, напиша Билјана Спасеска Георгиевска на Фејсбук, повикувајќи ги надлежните да го решат овој случај.

Таа објави и снимка, за која вели дека е вознемирувачка, но и оти „тоа е нашето секојдневие…“.

Спасеска Георгиевска вели дека полицијата досега не помогнала околу случајот, а полицајците се правдале дека не можат да направат ништо. Полицијата контактирала со сестрата на жената, но и тоа не помогнало.

„Таа уште еднаш, колку што можев да слушнам од телефонот, рече дека нема да преземе чекор за болната извесно време да се лекува во институција, бидејќи „не била задоволна од третманот на пациентите во институцијата каде што пред 15 години еднаш била сместена“. Вака, оставена да ги малтретира, утре може и да убие некого од соседите, за сестрата е поподносливо. Полицијата вели дека нивната законска ингеренција е ограничена – ништо не можат да преземат. Да се покрене тужба е беспредметно, болната има документ дека е непресметливо лице, таквите не одговарале пред закон. Еднаш побарав совет од владин службеник за социјални прашања, но не добив одговор. Постои ли некакво решение? Разумно, законско, системско?, прашува Спасеска Георгиевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот