Водич за превенција и справување на насилството во училиштата на Меѓаши: Децата треба научат да препознаат насилството и да не го поддржуваат

Меѓаши го промовираше Водичот за превенција и справување на насилството во училиштата/ Фото: МИА

Целта е да се препознава насилството, да не се поддржува, да се реагира соодветно и да не се биде соучесник, изјави Змијанац

Ако децата не го препознаваат насилството и не реагираат на него, тоа ќе се повторува и ќе има се повеќе деца жртви на насилство. Детската добросостојба и нивната безбедност се од најголема важност за родителите, училиштето, заедницата. Сепак, сè уште има ранливи деца, деца кои доживеале трауми и имаат негативни детски искуства заради доживеана одредена форма на насилство.

За таа цел, Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска промовираше Водич за превенција и справување на насилството во училиштата.

Во светот во кој растат децата, покрај семејството, и училиштето треба да биде безбедно и поддржувачко место каде секое дете може да се развива и учи во стимулативно и безбедно опкружување. Но, за жал, реалноста ја става заедницата пред предизвикот поврзан со превенција и справување со насилство во училиштата. Децата поминуваат по 6 до 8 часа дневно во училиште или над 200 ‒ 250 денови во годината. Времето поминато на училиште е долго, а учењето и животното искуство кое се стекнува на училиште е едно од највредните, велат од „Меѓаши“.

Претседателот и основач на „Меѓаши“ Драги Змијанац вели дека ако учениците не го препознаваат насилството и не реагираат на него, тоа ќе се повторува и ќе има се повеќе деца жртви на насилство.

-Водичот за превенција е уште една алатка, добра алатка што ја препорачувам и до Бирото за развој на образование, МОН, за да биде што е можно подостапен до сите. Целта е да се препознава насилството, да не се поддржува, да се реагира соодветно и да не се биде соучесник, изјави Змијанац.

Тој појасни дека станува збор за практични совети, имајќи предвид дека некогаш и зборовите можат да повредат и да остават трауми. Неопходно е, додаде, стручните служби навремено да реагираат за да има клима на солидарност и емпатија, учениците да имаат доверба во нив и да пријавуваат евентуално насилство. Дополнително стигматизирање и виктимизирање на жртвите на насилство, нагласи, се случува, кога насилството се снима и дистрибуира на социјални мрежи на интернет.

-Неопходно е насилството навремено да се препознае и веднаш да се реагира. Во спротивно, тоа може да трае. Во тој случај, некое дете евентуално може да си го одземе и животот, ако не може повеќе да го издржи насилството, забележува тој.

Светлана Аспровска Тодоровиќ, училиштен психолог во СУГС „Георги Димитров“, истакна дека стручната служба во училиштето треба да биде како медијатор меѓу наставниците, родителите и учениците.

На прашањето дали доволно се слуша гласот на учениците во училиштата и дома и што е тоа што ги провоцира учениците да манифестираат врсничко насилство, Вероника Петрова, ученичка во СУГС „Георги Димитров“, рече дека меѓуврсничкото насилство потекнува од, како што посочи, нова смисла за хумор, црн хумор.

-Постои меѓуврсничко насилство. Се чувствуваме заштитено од стручните служби, иако, главно, има една негативна асоцијација од страна на младите, кога се во прашање тие служби дека тие служат само за критикување на учениците поради различни причини. Меѓуврсничкото насилство сметам дека потекнува од нов смисла за хумор, црн хумор. Лично, стручната служба ја гледам како безбеден простор, каде младите можат да ги кажат мислењата и проблемите. Тие служби можат многу да помогнат, рече Петрова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот