ВО ЖИВО | Руско-украинскиот конфликт продолжува, вести од минута во минута

Украински војници / Фото Sergei SUPINSKY / AFP / Profimedia

23.38ч. Чеченски специјалци се обиделе да му извршат атентат на Зеленски

Обид за атентат врз украинскиот претседател Володимир Зеленски, подготвен од елитна чеченска паравоена група, е спречен во регионот на Киев.

Тие биле прекинати во нивниот план, објавија Украинците.

22.48ч Термобарична бомба е морничавото оружје кое Путин наводно го користи во Украина

Специјалната операција на руската армија во Украина би можела да добие застрашувачки пресврт доколку претседателот Владимир Путин одлучи да употреби термобарично оружје против поранешната советска територија, предупредуваат загрижените експерти.

Термобаричното оружје се смета за едно од најбруталните оружја што постојат.

Стравот од употребата на ова оружје во Украина се зголеми откако украинската амбасадорка во САД Оксана Маркарова рече дека за време на конфликтот биле користени вакуум бомби – другото име за оружјето.

22.00ч Некои руски единици се предадоа без борба, има низок морал кај војниците, тврди Пентагон

 

Податоците покажуваат дека ниту една поголема руска воена група не се движи кон Одеса, а има и информации дека некои руски единици се предале без борба и дека моралот е доста низок кај руските војници.

Тие велат дека продолжуваат тешките борби околу Харков и дека Русите се обидуваат да го опколат градот.

Од Пентагон велат дека не можат да зборуваат за причините поради кои Украинците не бомбардираат голема колона тенкови.

20.58ч Време е западните земји да сфатат дека нивната доминација одамна ја нема, велат од руското МНР

Руското МНР порача дека Русија ќе продолжи да обезбедува спроведување на виталните национални интереси, без оглед на санкциите.

„Време е западните земји да сфатат дека нивната неподелена доминација во глобалната економија одамна ја нема“, се вели во соопштението.

Забележано е дека „граѓаните и структурите на ЕУ вклучени во снабдувањето на вооружените сили на Украина со смртоносно оружје и гориво ќе бидат одговорни за сите последици од таквите дејствија во контекст на тековната специјална воена операција“.

„Тие не можат а да не го разберат степенот на опасност од последиците“, соопшти руското министерство.

19.40ч Европскиот Парламент препорачува да и се додели кандидатски статус на Украина

Европратениците во огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата со која се бара да и се додели кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Резолуцијата е донесена со само 13 гласа против и 26 воздржани, додека 637 гласаа за на денешната вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент.

18.45ч Цената на нафтата се зголеми на 106 долари

 

Цените на нафтата денеска на меѓународните пазари се искачија до 106 долари, бидејќи најавите за координирана продажба на нафта од стратешките резерви не ги ублажија стравувањата од прекини во снабдувањето поради руската инвазија на Украина и санкциите против Москва.

Цената на барел нафта со датум на испорака во мај на лондонскиот пазар порасна за 7,83 долари во однос на претходното затворање, на 105,8 долари.

17.37ч ВИДЕО: Гранатиран најголемиот рудник во Доњецк, 33 рудари заглавени под земја

Гранатиран е најголемиот рудник за јаглен во Доњецк.

Под земја останале 33 рудари.

Центарот на Доњецк е под напад на Украинците, а еден руски новинар објави видео каде се гледа како шрапнели летаат насекаде.

16.11ч Дипломатите на ОН ја напуштија салата кога Лавров се појави на екран, тој продолжи со говорот

Претставници од Европа и други сојузници денеска ја напуштија салата за време на обраќањето преку видео врска на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров на Конференцијата на Обединети нации за разоружување во Женева.

На видеото објавено на Твитер од француската делегација се гледа како десетици делегати ја напуштаат салата додека Лавров го започна своето обраќање преку видео врска.

13:13 Зеленски пред европратениците: Докажете дека сте Европејци, нека биде Украина членка на ЕУ

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, се обрати пред европратеници на вонредна пленарна седница на Европскиот Парламент и побара од Европската Унија да ја докаже својата заложба за европска Украина.

Вонредната пленарна седница на Европскиот Парламент е денеска целосно посветена на агресијата на Владимир Путин врз Украина.

Зеленски пред Европскиот парламент/ Фото EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

13:03 Шредер не му врти грб на својот добар пријател иако неговиот персонал поднесе оставка

Целиот персонал на канцеларијата на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, финансирана од даночните обврзници, поднесе оставка бидејќи долгогодишниот пријател на рускиот
претседател Владимир Путин се спротивставува на зголемениот притисок да ги прекине неговите врски со Кремљ по руската инвазија на Украина, пишува Ројтерс.

Шредер, кој зеде неколку работни места во руските енергетски компании по напуштањето на функцијата во 2005 година, како и други политичари од владејачките Социјалдемократи (СПД) беа под зголемена контрола во последните недели поради нивното лобирање за руски фирми.

Шредер и Путин/ Фото EPA/SERGEI ILNITSKY

12:36 Путин го уништи мирот во Европа, вели Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека рускиот претседател Владимир Путин со инвазијата врз Украина „го уништи мирот во Европа”.

– Претседателот Путин го уништи мирот во Европа. Сојузниците ја осудуваат неоправданата и брутална инвазија врз Украина. Рускиот напад е целосно неприфатлив и е помогнат од Белорусија, истакна Столтенберг за време на посетата на полската воздухопловна база Ласк заедно со полскиот претседател Анджеј Дуда.

11:56 Украински парламент: Белоруски војници навлегоа во регионот Чернихив

„Белоруски војници влегле во регионот украиснкиот регион Черниговски. Информацијата ја потврди портпаролот на северните територијални одбранбени сили Виталиј Кирилов. Повеќе детали ќе објавиме подоцна“, се вели во твит на украинската Рада.

11:49 Драги најави нови санкции против Русија, ќе ги таргетира олигарсите

Италија е подготвена да воведе дополнителни санкции кон Русија по нејзината инвазија на Украина, вклучително и таргетирање на нејзините олигарси и зголемен притисок врз централната банка, изјави денеска премиерот Марио Драги.

Драги, исто така, ја осуди Русија што го ставила своето нуклеарно одвраќање во состојба на висока готовност, велејќи му на парламентот дека тоа е уцена и ја покажува ефективноста на отпорот на инвазијата што ја започна минатата недела претседателот Владимир Путин.

Марио Драги/ Фото EPA-EFE/FILIPPO ATTILI

11:39 Лавров: Постои реална опасност Украина да добие нуклеарно оружје

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот во Женева изјави дека Киев се обидува да добие нуклеарно оружје, нарекувајќи го тоа реална опасност што треба да ја спречи, пишува Ројтерс.

„Украина сè уште има советски технологии и средства за испорака на такво оружје“, рече Сергеј Лавов на Конференцијата за разоружување со седиште во Женева во претходно снимено обраќање. „Не можеме да не одговориме на оваа реална опасност“, рече тој.

Сергеј Лавров/ Фото EPA

11:10 Зеленски ги обвини руските сили и Путин за употреба на забранети бомби

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за воени злосторства бидејќи како што тврди силите на Владимир Путин изведуваат напади со касетни и вакуумски бомби

Зеленски соопшти дека „дефинитивно ќе има меѓународен трибунал“ за, како што рече, „кршењето на сите конвенции“ и додаде дека „никој во светот нема да и прости на Русија за убиството на мирниот украински народ. ” Обвинителите во Хаг велат дека имаат намера да покренат истрага „што е можно поскоро“.

10:46 Зеленски по нападот врз Харков: Злото мора веднаш да се запре

Злото, вооружено со ракети, бомби и артилерија, мора веднаш да се запре, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во ново видео на Фејсбук во кое го коментира нападот врз Харков.

– Злото мора економски да се уништи. Мора да покажеме дека човештвото е способно да се заштити себеси, рече Зеленски.

10:30 Во нападот врз Харков повредени шест лица, дополнително се утврдува бројката на жртви

Во ракетирањето на центарот на Харков повредени се шест лица, од кои едно е дете, а бројката на загинати се утврдува, соопшти Државната служба за вонредни состојби.

Украинските медиуми јавуваат дека е изгаснат пожарот што, по нападот, се појави на покривот од зградата на операта.

Шефот на регионалната државна управа во Харков, Олег Синегубов, изјави дека центарот на Харков и станбените квартови беа нападнати со системите „Град” и крстосувачки ракети. Од нив, додаде тој, зафатени беа плоштадот во центарот на храдот, каде се наоѓа и зградата на подрачната државна управа.

Државната служба за вонредни состојби претходно соопшти дека во нападот на Харков утринава загинало едно лице, а тројца се повредени.

10:16 Кулеба: Варварски напад на Харков

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба повика на дополнителни меѓународни санкции против Русија по, како што рече, „варварскиот” напад на градот Харков.

– Варварски руски ракетни напади врз централниот Плоштад Слобода и станбените области на Харков. Путин не може да ја скрши Украина. Од бес, тој врши повеќе воени злосторства, убивајќи невини цивили. Светот може и мора да направи повеќе. Зголемете го притисокот, целосно изолирирајте ја Русија, напиша Кулеба на Твитер објавувајќи видео од нападот.

10:12 САД го прогласија Дефкон – 2 поради Русија, ситуација на чекор до нуклеарна војна?

Откако Владимир Путин и нареди на руската армија да ги стави своите сили во висока готовност за нуклеарно одвраќање, се појавија шпекулации дека Пентагон завчера го прогласил Дефкон – 2 , што светот го доведува на чекор од нуклеарна војна, објави Јутарњи лист.

Сепак, ваквата информација не е официјално потврдена бидејќи од безбедносни причини американските власти никогаш јавно не го кажуваат степенот на опасност за земјата туку таа проценка се изнесува на веб сајтот (/www.defconlevel.com) од страна на аналитичарите кои се поврзани со американската војска.

Defcon 2 досега беше прогласен само двапати, за време на кубанската ракетна криза и војната во Заливот. Вчера наутро тој степен на опасност беше спуштен, па сега е Дефкон – 2, што значи зголемување на воената готовност над нормалата.

09:43 ВИДЕО| Гранатиран центарот на Харков

Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина Антон Герашченко утринава соопшти дека руските сили го гранатирале Плоштадот на слободата во центарот на Харков.

Државната служба за вонредни ситуации соопшти дека едно лице загинало, а три се повредени во денешното гранатирање на Харков, пренесува Интерфакс Украина.

09:34 „ТикТок војна“: Како им е претставен руско-украинскиот конфликт на најмладите

Кога Русија ја нападна Украина минатата недела, некои од најмладите корисници на социјалните мрежи го доживеаја конфликтот токму на апликацијата „ТикТок“, пишува Ројтерс.

Видеа од луѓе кои се гушкаат и плачат во засолништа за бомби без прозорци, експлозии што се разнесуваат низ урбаните средини и проектили кои се провлекуваат низ украинските градови преовладуваат на апликацијата, за разлика од нејзините вообичаени содрижи кои се поврзани со мода, комедија, фитнес и танцови.

09:16 ВИДЕО | Андоновиќ: Пропаднати преговори, 64-километарска колона на руски тенкови, се подготвува решавачка битка за Киев

Вчерашните преговори меѓу уркаинската и руската страна пропаднаа откако двете страни не се согласија околу дијаметрално различните позиции кои ги имаат и кои доведоа до војната во Украина.

Барњата на Руската страна очекувано не беа прифатени од Украина , која со подршка на меќународната заедница и пред се западот и пркоси на руската воеан интевренција. Самата причина за започнувањето на воената интевренција на Русија беше составена од принудувањето на иев и западните држави да прифатат три главни барања- Денацификација, Демилитариација на Украина и неутралност и меќународно признавање на отцепениот полуостров Крим, зара што Русија од 2014 се соочува со санкции од САД и западно европските држави.

08:52 ВИДЕО: Набљудувачите на ОБСЕ го напуштаат Доњецк

Сите членови на специјалната мониторинг мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) го напуштат украинскиот град Доњецк.

Информацијата за некои светски агенции ја потврдил дипломатски извор.

08:28 Градоначалникот на Херсон потврди дека руската војска е пред влезовите на градот

Руската армија е пред портите на украинскиот град Херсон, на југот на земјата, изјави денеска градоначалникот Игор Коликаев.

„На влезовите во Херсон руската армија постави контролни пунктови. Тешко е да се каже како ќе се развива ситуацијата”, напиша Коликаев на Фејсбук.

Тој додаде дека Херсон е украински град и така ќе остане.

08:26 Ердоган и Лукашенко разговараа за руската агресија: Турција сака мир, не војна

Кабинетот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рано утрово соопшти дека тој имал телефонски разговор со неговиот белоруски колега Александар Лукашенко за да разговараат за случувањата со руската инвазија на Украина.

Двајцата лидери разговараа околу преговорите за прекин на огнот меѓу Русија и Украина, соопшти кабинетот на Ердоган. Разговорите меѓу двете страни не успеаја да постигнат пробив во понеделникот, а преговарачите не кажаа кога ќе се одржи нова рунда, пишува Ројтерс.

Ердоган и Лукашенко/ Фото EPA/TATYANA ZENKOVICH

08:13 ОН: Над половина милион бегалци се во соседните земји на Украина и бројот се зголемува

Во соседните земји на Украина во моментов се наоѓаат 520.000 украински бегалци и тој број драстично се зголемува од час во час, изјави Филипо Гранди, високиот комесар на ОН за бегалци (УНХЦР), вчера пред Советот за безбедност на ОН.

Гранди, кој се обрати пред Советот преку видео-конференциска врска од Женева, истакна дека работел на бегалските кризи речиси 40 години и дека „ретко видел таков неверојатно брзо растечки егзодус на луѓе – најголем, секако во Европа, од балканските војни”.

Бегалци Украина
Расплаканиот Марк Гончарук / Фото: Скриншот, Јутјуб

07:36 Путин можеби „блефира“, но реална е заканата од нуклеарен холокауст

Аналитичари укажуваат дека заканата од нуклеарна војна е многу посериозна отколку што ја толкуваат на Запад, особено поради неочекувано неразумното однесување на рускиот лидер.

Тревогата за борбена готовност на руските нуклеарни сили повеќето светски лидери ја толкуваат како „блеф“ на претседателот Владимир Путин за да го одвлече вниманието на јавноста од итните последици од меѓународните санкции и од неочекувано бавното напредување на воената инвазија врз Украина, но попретпазливите аналитичари предупредуваат дека е реална и екстремно сериозна заканата од глобален нуклеарен холокауст.

– Разбирам! – одговорил министерот за одбрана Сергеј Шојгу на наредбата од Путин до него и до началникот на Генералштабот да прогласат борбена готовност на „силите за одвраќање“.

07:35 Зеленски повикува Русија да биде запрена, гранатирањето продолжува, загинаа седум деца

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика Русија да се запре додека во текот на ноќта продолжи гранатирањето на украинските градови, по вчерашниот прв круг мировни преговори меѓу Русија и Украина.

Повеќе од 100 цивили веќе загинаа во руската војна во Украина, додека повеќе од 300 случајни минувачи се повредени, соопшти канцеларијата на високиот комесар за човекови права Мишел Бачелет. Меѓу загинатите има најмалку седум деца.

Володомир Зеленски/ Фото EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

07:29 Украински амбасадор во ОН: Русија користи забранети бомби врз Украина

Русија користи „вакуум” бомба при инвазијата врз Украина, изјави вчера украинската амбасадорка во САД Оксана Маркарова.

– Употребија денеска вакуум бомба. Таа е забранета со Женевската конвенција, истакна Маркарова по брифингот на членовите на американскиот Конгрес, додавајќи дека „пустошот што Русија се обидува да и го нанесе на Украина е голем”.

Оксана Маркарова
Оксана Маркарова / Фото: EPA-EFE/LAURENT GILLIERON

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот