Путин можеби „блефира“, но реална е заканата од нуклеарен холокауст
Аналитичари укажуваат дека заканата од нуклеарна војна е многу посериозна отколку што ја толкуваат на Запад, особено поради неочекувано неразумното однесување на рускиот лидер.
Тревогата за борбена готовност на руските нуклеарни сили повеќето светски лидери ја толкуваат како „блеф“ на претседателот Владимир Путин за да го одвлече вниманието на јавноста од итните последици од меѓународните санкции и од неочекувано бавното напредување на воената инвазија врз Украина, но попретпазливите аналитичари предупредуваат дека е реална и екстремно сериозна заканата од глобален нуклеарен холокауст.
Препорачано
– Разбирам! – одговорил министерот за одбрана Сергеј Шојгу на наредбата од Путин до него и до началникот на Генералштабот да прогласат борбена готовност на „силите за одвраќање“.
Како причини за одлуката, Путин ги наведе „агресивните изјави на лидерите на НАТО“ и „незаконските економски санкции“ наметнати против Русија поради инвазијата врз Украина. Целта, пак, е заканата од активирање на нуклеарниот арсенал да „обесхрабри напад врз Русија“.
Британскиот премиер Борис Џонсон оцени дека целта на Путин е „да го одвлече вниманието од она што навистина се случува во Украина“, особено поради бавното напредување на воената инвазија.
– Тие всушност возвраќаат со поголем ефект и со поголем отпор отколку што претпоставувал Кремљ – изјави Џонсон.
Белата куќа ја оцени наредбата како „дел од поширокиот шаблон на Кремљ за фабрикување закани за да се оправда понатамошна агресија“.
– Ние се спротивставуваме на тоа и имаме капацитет да се одбраниме и да повикаме гласно за тоа што Путин го прави – изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост, но оцени дека одлуката на Путин всушност покажува „колку е сериозен застојот на руската инвазија“.
Украинските власти ја сметаат наредбата за засилување на притисокот и обид за обезбедување надмоќна позиција на Русија во преговорите за прекин на огнот, а Обединетите нации оценија дека активирање нуклеарно оружје е „неверојатно сценарио“.
Аналитичари, пак, укажуваат дека заканата од нуклеарна војна е многу посериозна, особено поради неочекувано неразумното однесување на рускиот лидер. Тие потсетуваат дека Путин пред само неколку денови индиректно му се закани на светот со рускиот нуклеарен арсенал.
– Оние што се обидуваат да ја спречат Русија ќе се соочат со последици какви што никогаш не виделе во својата историја – предупреди Путин.
Русија го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот, со најмногу бојни глави и широка лепеза носачи – силоси, мобилни лансери, стратегиски бомбардери, подморници и бродови. Повеќето бојни глави се складирани во магацини, но доволно голем број се во „оперативна готовност“, поставени на носачи.
– Исто како и во НАТО, дел од руското нуклеарно оружје може да биде лансирано за десет минути. Бојни глави се поставени на проектили на копно и во вода, а спремни се и стратегиските бомбардери – предупредува Марк Фино од Центарот за безбедносна политика во Женева.
Експертите Ханс Кристенсен и Мат Корда во петокот во „Билтенот на атомските научници“ објавија дека Русија чува во оперативна готовност речиси 1.600 бојни глави.
– Руските нуклеарни сили практично цело време се во готовност. Вистинското прашање е дали одлуката на Путин значи активирање повеќе подморници или бомбардери – истакнува Кристенсен.
Елиот Коен од вашингтонскиот Центар за стратегиски и меѓународни студии оценува дека рускиот претседател веќе покажал дека „лесно ризикува“ и дека неговата цел е да тргне во психолошка контраофанзива по обединувањето на светот на страната на Украина и воведувањето парализирачки санкции за Русија.
Давид Халфа од париската фондација „Жан Жирес“ се согласува дека главната цел на заканата со нуклеарниот арсенал е зголемување на психолошкиот притисок, но укажува и на опасноста од непресметливоста на рускиот претседател.
– Секој што го видел Путин вели дека тој целосно се изолирал, се зачаурил во параноична логика. Невозможно е да се „прочита“ неговата стратегија – вели Халфа.
Доктрината на Русија
Путин во 2020 година ја промени доктрината на Русија за „нуклеарно одвраќање“, при што наведе четири „основни случаи“ во кои е прифатливо користење нуклеарен арсенал: при напад со балистички проектили врз територијата на Русија или на нејзин сојузник, ако непријателски сили употребат нуклеарно оружје, при напад врз руски капацитет со атомско оружје или при напад што би го загрозил постоењето на руската држава.
Ниту еден од овие „основни случаи“ не е исполнет, но многу зависи од начинот на кој Путин ги толкува критериумите. Пред неполни два месеца Русија заедно со четирите други постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации потпиша декларација во која се истакнува дека „никогаш не смее да се води нуклеарна војна зашто во нуклеарна војна нема победници“.
– Новата наредба покажува колку е лицемерна оваа декларација. Сѐ уште има голем ризик од случајно активирање или од недоразбирање, па дури и намерна манипулација за активирање на нуклеарна војна – смета Фино.
Нуклеарните арсенали не постојат само за одвраќање туку имаат улога и во воените стратегии за „стекнување надмоќност при конфликт“, за „одбивање непријателски напад“, како „одговор за истрелан проектил за кој се смета дека носи нуклеарна бојна глава“ или како „последно оружје при егзистенцијално загрозување“. Но, можеби најголема е заканата од „случајно активирање на арсеналот“.
За време на Студената војна опстанокот на светот неколкупати „висел на конец“ поради меѓусебните закани на двата блока со користење атомски бомби. Во најмалку еден случај нуклеарен холокауст бил спречен со разумна реакција на офицери, одбивајќи да спроведат погрешна наредба да активираат проектили. При изразени тензии, под притисок од психолошката војна што се води паралелно со инвазијата врз Украина, како и поради хаосот предизвикан од санкциите во Русија, секако и поради непресметливоста на Путин, мала грешка, пад на системот или лошо протолкувана информација може да заврши со нуклеарен удар и противудар.
Белорусија се отвори за атомско оружје
Наспроти масовните протести, на кои беа приведени близу 800 луѓе, граѓаните на Белорусија на референдум ги поддржаа уставните измени, кои опфаќаат и можност за распоредување нуклеарен арсенал на територијата на земјата. Претседателот Александар Лукашенко завчера веќе изјави дека би можел да побара од Русија да ѝ го врати на Белорусија нуклеарното оружје од кое земјата се откажа по стекнувањето независност од Советскиот Сојуз.
– Ако (Западот) распореди нуклеарно оружје во Полска или во Литванија, до нашите граници, тогаш ќе му се обратам на Путин да го врати нуклеарното оружје што го дадов без никакви услови – истакна Лукашенко.
По кампања на која не ѝ беше отстапен простор на опозицијата, речиси две третини од гласачите ги поддржале уставните измени, кои, меѓу другото, на шефот на државата му даваат доживотен имунитет од прогон откако ќе ја напушти функцијата.
Путин го направи она што досега беше невозможно, ја направи најголемата грешка во својата кариера
Колку нуклеарно оружје има Русија во споредба со САД, Европа и остатокот од светот?
Путин го направи она што досега беше невозможно, ја направи најголемата грешка во својата кариера


