„ТикТок војна“: Како им е претставен руско-украинскиот конфликт на најмладите

тик ток
Фото: EPA-EFE/HAYOUNG JEON

Кога Русија ја нападна Украина минатата недела, некои од најмладите корисници на социјалните мрежи го доживеаја конфликтот токму на апликацијата „ТикТок“, пишува Ројтерс.

Видеа од луѓе кои се гушкаат и плачат во засолништа за бомби без прозорци, експлозии што се разнесуваат низ урбаните средини и проектили кои се провлекуваат низ украинските градови преовладуваат на апликацијата, за разлика од нејзините вообичаени содрижи кои се поврзани со мода, комедија, фитнес и танцови.

Украинските влијателни лица на социјалните мрежи објавуваат мрачни сцени од нивната моментална состојба, завиткани во ќебиња во подземни бункери и армиски тенкови кои се тркалаат низ улиците на градовите. Нивните профили пред руската агресија беа во главно опфатени со комични видеа.

Тие ги повикаа своите следбеници да се молат за Украина, да донираат за поддршка на украинската војска и побараа особено од руските корисници да се приклучат на антивоените напори.

Влијанието на „ТикТок“

Руската инвазија на Украина, која таа ја нарече „специјална операција“, е најновиот пример за централната улога што ја одигра „ТикТок“ во пренесувањето на вестите и актуелните настани до големата публика на апликацијата, која во главно е составена од млади луѓе. Неговиот популарен алгоритам е познат по тоа што нуди содржини кои се актуелни дури и ако корисниците не следат одредени луѓе, дозволувајќи им на темите брзо да станат вирални меѓу неговите 1 милијарда месечни корисници.

Апликацијата стана толку влијателна во овој конфликт што украинскиот претседател Володимир Зеленски апелираше до „ТикТокерите“ како група што може да помогне да се стави крај на војната, во говорот насочен кон руските граѓани.

Украинската блогерка за патувања по име Алина Волик, која има над 36.000 следбеници на „ТикТок“, направи пауза од објавувањето на најважните моменти од нејзините патувања во Египет, Шпанија и Турција, за да прикачи видеа од животот во инвазијата, од ранци за итни случаи полни со материјали за прва помош дo искршени прозорци по експлозии. Во видеата на „ТикТок“ објавени во понеделникот, Волик, исто така, ги повика своите меѓународни следбеници да ги гледаат нејзините приказни на Инстаграм за да ја „видат вистината“ за Украина.

Видеата од станбените згради уништени од проектилите, празните полици во самопослугите и долгите колони автомобили натрупани надвор од бензинските пумпи може да се видат на „ТикТок“ профилите на врвните украински инфлуенсери.

„@zaluznik“ кој има 2 милиони следбеници, објави една таква содржина во неделата со натпис „Руси отворете ги очите!“

Руските инфлуенсери, исто така, се вклучија во „трендот“ на апликацијата за да ја споделат својата реакција. Ники Прошин, кој има над 763.000 следбеници, во четвртокот во видео рече дека „нормалните луѓе“ во Русија не ја поддржуваат војната.

„Ниту еден од моите пријатели и никој од луѓето со кои лично разговарам не ги поддржа денешните настани“, рече тој, мислејќи на инвазијата на Украина.

Русите бараат да се тргнат содржините од конфликтот

Во понеделникот, рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор побара апликацијата да престане да вклучува содржини поврзани со војската во препорачаните објави за малолетници, велејќи дека голем дел од содржината е антируска. Од „ТикТок“ не одговорија веднаш на барањето за коментар.

Истражувачите на онлајн дезинформации предупредија дека лажните информации за конфликтот сега се измешани со автентичните и се раширени нашироко на „Тикток“ и другите технолошки платформи, вклучувајќи ги Фејсбук, Твитер, Алфабет и Јутуб.

На социјалните мрежи се споделени разни снимки кои лажно го опишуваат конфликтот во Украина, како снимки од видеоиграта со воен симулатор „Арма 3“, слики од експлозиите од израелско-палестинскиот конфликт во Појасот Газа, стари снимки од силно пукање и анимации на летечки авиони.

„Продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата, со зголемени ресурси за да одговориме на новите трендови и да ги отстраниме навредливите содржини, вклучувајќи штетни дезинформации и промовирање насилство“, рече портпаролот на „ТикТок“ додавајќи дека работи со организации за проверка на факти.

„ТикТок“ војна

Некои украински корисници на „ТикТок“ направија мисија да споделуваат информации и да ја шират свеста со западната публика.

„Сакам луѓето да разберат дека ова не е шега, ова е сериозна ситуација со која се соочуваат Украинците“, рече Марта Васјута (20).

Едно од видеата на Васјута покажа нешто што изгледаше како проектил на небото со натпис „Киев 4:23 часот“. До понеделник имаше над 131.000 коментари, бидејќи корисниците го преплавија видеото за да се помолат и да изразат неверување.

„Никогаш не мислев дека ќе добијам ажурирања за ВОЈНА на ТИКТОК“, коментира еден корисник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот