ВО ЖИВО | Конфликтот во Украина, вести од минута во минута: Расте бројот на жртви во Лавов

украински војници украина киев
Украинска армија / Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

22:58 ВИДЕО: Жесток напад врз Харков, Русите стрелаат врз градот со сите оружја

Руските сили вечерва вршат силен напад со артилерија и воздушни ракетни удари врз вториот по големина град во Украина, Харков. Граѓаните преку социјалните мрежи известуваат дека целиот град е во мрак, додека од сите страни одекнуваат силни експлозии од повеќе видови оружја.

На социјалните мрежи се појавуваат снимки од вечерашното бомбардирање:

22:22 Русија бара пари и воена опрема од Кина, пишуваат американски медиуми

Американските весници „Фајненшл Тајмс“ и „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на неименувани претставници на властите во Вашингтон, објавија дека Русија побарала воена и економска помош од Кина.

„Фајненшл тајмс“ наведува дека Русија уште на почетокот од инвазијата врз Украина побарала кинеска воена опрема, без да наведе што точно Москва барала од Пекинг. Весникот наведува дека постојат индиции дека Кина можеби се подготвува да ѝ помогне на Русија.

„Њујорк Тајмс“, пак, објави дека Русија, исто така, сака и економска помош од Кина, за да го ублажи влијанието на санкциите.

Досега Кина се обидуваше да се претстави како неутрална во руско-украинскиот конфликт, но не ја осуди инвазијата и беше воздржана на гласањето по резолуцијата во ООН со која требаше да се осуди агресијата на Москва.

21:38 ВИДЕО: Нови страотни снимки на уништување од Украина, срамнето со земја училиште во Миколаев

Нови снимки кои го покажуваат уништувањето во украинските градови беа објавени денеска од властите во Киев. Според Украинците, руските сили гранатирале средно училиште во градот Миколаев, кое е целосно уништено.

21:19 ВИДЕО|Колега на новинарот убиен во Украина: Сакавме да снимаме бегалци

Колега на убиениот американски новинар Брент Рено, Хуан Диего Херера Аредондо, кој е ранет во нападот, даде куса изјава додека го прегледувале украинските лекари.

На снимката, Аредондо, кој исто така се претставува како Американец, вели дека не знае дали Брент е жив, но видел дека тој бил погоден во вратот.

-Го поминавме првиот мост. Видовме бегалци и тргнавме по нив. Ни беше понуден првоз до вториот мост каде требаше да снимаме бегалци. Почнаа да пукаат кон нас. Возачот сврте, видов дека Брент е погоден. Не знам како е, се разделивме, вели новинарот, кој е ранет во ногата.

20:32 ВИДЕО: Нови апсења на антивоени протести во Русија, приведени се уште 800 луѓе

Во 37 руски градови денеска се приведени повеќе од 800 луѓе, кои демонстрирале против руската инвазија врз Украина, соопшти невладината организација ОВД-Инфо, специјализирана за следење на демонстрации.

Според ОВД-Инфо, од 24 февруари, кога почна инвазијата врз Украина, во Русија се приведени најмалку 14.700 луѓе.

19:59 Песков: Преговорите продолжуваат утре

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека нова рунда на руско-украински преговори е планирана за утре.

Неговата изјава дојде откако советникот на украинскиот претседател, Алексеј Арестович, претходно изјави дека се водат активни преговори.

– Не. Планирано е утре да продолжат руско-украинските преговори, рече Песков.

19:38 Украина не може да се окупира и Москва полека го сфаќа тоа, смета германски експерт

Пензионираниот полковник на германската војска, Волфганг Рихтер, во интервју за „Дојче веле“ вели дека доколку Русите се одлучат да го заземат Киев и продрат во градот, тоа би било најкрвавото сценарио кое може да се замисли, затоа што тогаш ќе дојде до борба од куќа до куќа, од улица до улица, а тоа „ќе се заврши ужасно за двете страни“.

„На целиот простор на западна Украина, со исклучок на воздушните напади, не гледаме никакви операции на руските копнени сили. Ако сега во борба влезе и втор бран на руски единици и ако можеби и се впуштат во градски борби, тогаш оваа воена операција всушност е пропадната. Зашто, тогаш постојат две можности: првата е да биде поголема подготвеноста на компромиси – постои назнака од двете страни дека ставовите се доближуваат и веќе немаат максималистички барања. Втората можност е Русија уште еднаш и со максимална ескалација да се обиде да постигне нешто што е човечки ужасно, а стратешко потполно бесмислено. Бидејќи Украина не може да се окупира. Ова сознание полека стигнува и до Москва“, вели Рихтер, кој работи како аналитичар за берлинската Фондација за наука и политика.

19:22 Чернобил доби струја, нуклеарката повторно е приклучена на националната мрежа

Украинскиот министер за енергетика Херман Халушенко денеска изјави дека нуклеарната централа Чернобил повторно е приклучена на националната електрична мрежа.

Руските сили пред четири дена ја исклучија Чернобил од украинската национална мрежа.

19:02 „Убивме 180 странски платеници“: Русите го потврдија нападот врз воената база кај Лавов

Портпаролот на руското министерство за одбрана, Игор Конашенков, денеска тврдеше дека 180 „странски платеници“ биле убиени во вчерашниот ракетен напад на руските сили врз воена база во близина на украинскиот град Лавов.

Украинските власти денеска соопштија дека во нападот, кој се случи на само 25 километри од границата со Полска и НАТО, загинале 35 војници, а ранети се 134 луѓе. Според гувернерот на областа, Максим Козицки, Русија истрелала преку 30 крстосувачки ракети врз воениот комплекс.

18:42 По загинувањето на американскиот новинар, градочалникот на Ирпин забрани медиумите да влегуваат во градот

Градоначалникот на украинскиот град Ирпин, Олександар Маркушин, изјави дека од денеска на новинарите им е забранет влез во градот.

Одлуката е донесена откако загина американскиот новинар Брен Рено (51) при напад на руските сили, кои отвориле оган врз автомобил во движење. При нападот повредени се уште двајца новинари и се хоспитализирани.

18:04 ВИДЕО: Огромна бомба извлечена од станбена зграда во Чернихив

Локалните жители во украинскиот град Чернихив денеска низ прозорецот од еден од становите извлекоа огромна неексплодирана бомба, која паднала врз нивната станбена зграда.

17:44 Темни предвидувања на шефот на француската дипломатија: Најлошото е пред нас, ова ќе трае долго

Ние сме „соочени со ѕид“ и „војната ќе биде долга“, изјави денеска францускиот министер за Европа и за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан.

Тој вели дека е песимист и оти најлошото е пред нас. Запрашан за нападот врз воената база Јаворив во близина на Лавов, при што загинаа најмалку 35 луѓе, тој оцени:

„Никаде во Украина денес не сме безбедни од бомби. Украина е под оган од руските сили“.

17:32 Кулеба ги предупреди странците во руските редови: И да преживеете, ќе бидете воени злосторници

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, денеска уште еднаш повтори дека Русија води агресивна војна против Украина, а во објава на Твитер испрати предупредување до странците кои учествуваат во руската инвазија на неговата земја.

Дмитро Кулеба/ Фото EPA-EFE/JASON SZENES

– Ги предупредувам странските државјани кои би можеле да се приклучат на руските инвазивни сили: немојте. Веќе покренавме случаи пред меѓународните судови. И да преживееш, ќе бидеш воен злосторник – напиша Кулеба на Твитер.

17:23 Поранешниот личен телохранител на Путин: „Специјалната воена операција“ не оди според планот

Главниот командант на руската Национална гарда и поранешен личен телохранител на рускиот претседател Владимир Путин, Виктор Золотов, денеска изјави дека „специјалната воена операција” не се одвива според планот.

Тој пред насобраните на богослужба во црква во Москва сепак призна дека „не оди сè толку брзо како што би сакале, затоа што нацистите се кријат зад грбот на цивилите, постарите, жените, децата, организираат борбени позиции во градинките, училиштата и станбените згради”.

16:25 Русите фрлиле фосфорни бомби во Луганск, обвинува Киев

Украинската народна правобранителка Људмила Денисова денеска ја обвини Русија дека употребила забранети фосфорни бомби во синоќешниот напад врз градот Попсана, во Луганск.

Фото: илустрација / manhhai/Flickr

Таа истакна дека Украина има конкретни докази дека руските сили користат забранета муниција.

16:04 Турција нема да ѝ воведе санкции на Русија

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу на Дипломатскиот форум во Анталија изјави дека Анкара нема да воведе санкции кон Русија.

– Ние веруваме дека санкциите нема да го решат проблемот, рече Чавушоглу.

13:21 Расте бројот на жртви во рускиот напад врз воената база во близина на Лавов

Најмалку 35 лица загинаа, а 134 се ранети во нападот на руските сили врз воениот комплекс во близина на Лавов во западна Украина, соопшти гувернерот на регионалните воени власти Максим Козицки.

Тој претходно рече дека руските сили истрелале повеќе од 30 крстаречки ракети кон воениот полигон Јаворив. Претходниот биланс беше девет загинати и 57 ранети.

Центарот за воена обука се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Лавов и на околу 25 километри од границата со Полска.

Во последните години служел како полигон за обука на украинските сили под надзор на странски инструктори, претежно американски и канадски.

12:50 ВИДЕО | Украински тинејџери кои се приклучиле на војската: Никој не сака да умре, смртта не е опција за нас

Новинар на Би-Би-Си кој известува од Украина се сретна со група млади луѓе кои доброволно се пријавија во центар во Киев да се борат за Украина. Повеќето од нив, пишува Би-Би-Си, се во доцните тинејџерски години, а во војна одат по само три дена основна обука.

Максим Луцик е 19-годишен студент по биологија. Тој беше загрижен да оди во војска по кратка обука. Тој му се придружи на својот 18-годишен пријател Дмитриј Кисиленко. Тие за кратко време научија неколку вештини и како да ракуваат со оружје.

12:03 Дуда стравува дека Полска е следна мета, нема да испрати воени авиони во Украина

Анджеј Дуда, претседателот на Полска, во своето обраќање утринава рече дека не е можен трансфер на авионите МИГ-29 во Украина и се согласува со ставот на другите членки на НАТО дека мешањето во Украина би значело вовед во Третата Светска војна.

– Поради сојузничката одговорност, затоа не можеме да префрламе авиони, бидејќи сметаме дека нашите сојузници би можеле да ни замерат и дека тоа може да го доведе НАТО во тешка ситуација. Префрлувањето на авиони или обидот да се одбрани небото над Украина од руски борбени авиони е одлука која е строго воена и сериозна, бидејќи тоа значи дека авионите на НАТО ќе мора да бидат испратени во украинскиот воздушен простор. Би имало конфронтација меѓу авионите на НАТО и руските авиони, што значи почеток на Третата светска војна – изјави Дуда за Би-Би-Си.

Дуда рече дека се плаши дека Русија ќе го сврти своето внимание кон потенцијална инвазија на Полска, доколку успее во Украина. Тој верува дека сојузниците од НАТО ќе ги бранат доколку тоа се случи.

Анджеј Дуда/ Фото EPA-EFE/LESZEK SZYMANSKI

11:29 Руските сили го киднапирале градоначалникот на Днипрорудне, вели Кулеба

Руските сили го киднапираа градоначалникот на јужниот град Днипрорудне, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.

Јевхен Матвејев ќе биде вториот украински градоначалник, наводно, киднапиран од напредувањето на руските војници во изминатите три дена, откако градоначалникот на блискиот Мелитопол, наводно, бил приведен во петокот, пренесува Би-Би-Си.

11:02 Британија ќе им дава по 350 фунти на оние кои ќе примат Украинци во нивниот дом

Британија ќе им плати на луѓето да ги отворат своите домови за Украинците кои бегаат од руската инвазија додека владата се обидува да го оттргне гневот поради нејзиниот одговор на најбрзо растечката бегалска криза во Европа, пишува Ројтерс.

Новата шема наречена „Домови за Украина“ ќе им дозволи на бегалците од војната да дојдат во Британија дури и ако немаат семејни врски.Велика Британија ќе им плаќа на луѓето 350 фунти (456 долари) месечно ако можат на бегалците да им понудат резервна соба или имот за минимум шест месеци.

Премиерот Борис Џонсон се обиде да ја прикаже Британија како помага во глобалниот одговор на руската инвазија – која Москва ја нарекува „специјална операција“ – но неговата влада се соочи со критики поради доцнењето во прифаќањето бегалци.

Поддршка за Украина во Лондон, Британија/ Фото EPA-EFE/NEIL HALL

10:42 „Анонимуси“ испратија порака до Русите: Застанете против Путин

Хакерската група „Анонимуси“ објавија порака специјално направена за да допре до руските граѓани, наводно барајќи од нив да застанат против Путин и да го тргнат од власт.

„Вие сте заробени зад железната завеса на пропаганда, а вашата влада се обидува да ве спречи да бидете дел од меѓународен разговор, поради страв од она што би можеле да го дознаете. Режимот на Владимир Путин врши воени злосторства со својата неодамнешна инвазија на Украина. предизвикувајќи голема бегалска криза и безброј случаи на смртни случаи.

 

10:07 Резников: Нападот кај Лавов е терористички напад во близина на граница на НАТО

Украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников го нарече терористички рускиот ракетен напад врз воената база Меѓународен центар за мир и безбедност, која се наоѓа западно од Лавов, на 25 километри од полската граница.

– Ова е нов терористички напад врз мирот и безбедноста во близина на граница на ЕУ-НАТО. Мора да се преземе акција за да се запре ова. Затворете го небото!, повика тој.

Резников претходно изјави дека во објектот работеле и странски воени инструктори, но не е јасно дали некој од нив бил во базата кога се случил нападот.

Гувернерот на областа Лавов изјави дека во нападот на воената база западно од Лавов загинале девет лица, а ранети се 57 луѓе.

Гувернерот Максим Козицки потврди дека Русија утринава истрелала 30 ракети врз комплексот кој се наоѓа на околу 50 километри југозападно од Лавов и на околу 25 километри од границата со Полска.

Олексеј Резников/ Фото EPA-EFE/Christine Olsson/TT SWEDEN OUT

10:01 ФОТО: Автобус со 50 Украинци се преврте во Италија, еден мртов

Автобус со околу 50 Украинци излетал од патот во Италија, при што има еден загинат и неколку повредени, соопштија во неделата пожарникарите.

Несреќата се случила на автопатот меѓу Чезена и Римини, на североисточниот брег. Сликите објавени од пожарникарите на Твитер покажуваат дека автобусот се превртел, пренесува Ројтерс.

09:47 Девет мртви, 57 повредени во немирите во Лавов

Девет лица загинаа, а 57 се повредени во нападот на воена база во западна Украина, изјави регионалниот гувернер на Лавов Максим Козицки.

Властите сега работат на гаснење на пожарот во базата, рече тој на прес-конференција, пренесува Би-Би-Си.

Козицки рече дека Русија истрелала повеќе од 30 ракети врз воениот објект Јаворив.

Забележани се голем број амбулантни возила кои одат кон и од базата.

Локалните власти соопштија дека проектили го погодиле Меѓународниот центар за мирољубивост и безбедност во градот Јаворив, на околу 10 километри (6,2 милји) од полската граница и 60 километри (37,2 милји) од центарот на градот Лавов.

09:36 Москва и Киев блиску до компромис, велат од кабинетот на Зеленски

Москва и Киев се приближуваат до компромис во преговорите, изјави за „Комерсант“ Михаил Подољак, советник на шефот на кабинетот на претседателот на Украина.

Според член на украинската преговарачка група, страните во дијалогот почнале да подготвуваат договори чии детали се уште не се откриени, пренесе РИА Новости.

Веднаш штом ќе се разработат правните формати, ќе биде закажана средба, односно четврта рунда преговори.

– Тоа може да биде утре, задутре. Разговаравме за сите прашања, сега се обидуваме тие прашања да ги спакуваме во некои правни формати – рече Подољак.

09:13 Заменик директорот на Аерофлот поднесе оставка и ја напушти Русија

Заменик директорот на водечката руска авиокомпанија Аерофлот Андреј Панев изјави дека поднел оставка и ја напуштил земјата.

Панов, кој беше задолжен за маркетинг, на Фејсбук напишал дека „заврши животот што некогаш го имал”, пренесува Бета.

Руските медиуми претходно јавија дека и извршниот директор на Аерофлот Михаил Полубојаринов ја напуштил земјата, но подоцна Аерофлот демантираше.

Аерофлот е тешко погоден од западните санкции кон Русија поради нејзината инвазија врз Украина.

08:46 Шредер неколку часа разговарал со Путин околу украинската криза

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во четвртокот се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин и разговарал неколку часа во обид да се стави крај на војната во Украина, пишува германскиот весник Билд, но не се знае што се постигнало во тој разговор.

Билд пишува дека Шредер нашироко разговарал и со најблиските советници на Путин. Шредер ја напуштил Москва со сопругата и заминал за Истанбул, пишува весникот, не откривајќи детали од разговорот.

Поранешниот канцелар, кој е пријател на Путин и има врски со руски компании, се сретна со група Украинци поврзани со делегацијата на Украина за мировни преговори со Русија во Турција во понеделникот вечерта, пишува весникот.

Шредер и Путин/ Фото EPA/SERGEI ILNITSKY

08:26 Столтенберг предупреди: Русија може да употреби хемиско оружје

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Русија може да употреби хемиско оружје во инвазијата врз Украина и оти таквиот потег би бил воено злосторство.

Столтенберг за германскиот весник „Велт ам Зонтаг” изјавил дека Кремљ измислува лажни изговори за да ја оправда можната употреба на хемиско оружје.

– Последниве денови слушнавме апсурдни тврдења за лаборатории за хемиско и биолошко оружје. Сега кога се изнесени овие лажни тврдења, мора да бидеме внимателни бидејќи е можно Русија да планира операции со хемиско оружје под превезот на овие измислици и лаги. Тоа би било воено злосторство, рече Столтенберг.

Јенс Столтенберг/Фото EPA-EFE/FRANCISCO SECO / POOL

08:22 Нападнат аеродром кај Ивано-Франковск

Руските сили утрово го нападнаа аеродромот кај градот Ивано-Франковск, потврди градоначалникот на градот Руслан Марцинкив.

– Според прелиминарните информации, експлозиите што се слушнаа утринава се од напад на аеродромот, соопшти Марцинкив на Фејсбук.

– Ве потсетувам дека целта на непријателот е да сее паника и страв, нагласи тој.

08:10 Немири во близина на Лавов: Истрелани проектили кон Центар за меѓународен мир и безбедност

Осум проектили се истрелани кон украинскиот Центар за меѓународен мир и безбедност, соопшти регионалната воена управа на Лавов, пишува Би-Би-Си.

Станува збор за воен центар за обука и база западно од Лавов, во близина на границата со Полска, која е оддалечена околу 25 километри.

Нападот на воената база во близина на Полска дојде откако заменик-министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков вчера предупреди дека западните конвои со оружје и воена опрема за Украина Русија ги третира како „легитимни цели за напад”.

Лавов, Украина/ Фото EPA-EFE/VITALIY HRABAR

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот