Пукнато парно ја поплави Токсикологија, водата пробила на три ката, а болницата не е осигурана

Бесија Иљази / Фото: ''Слободен печат'' / Драган Митрески

Изминатата ноќ пукнало парното на Клиниката за токсикологија на Клинички центар и вода избивала од радијатор час и половина, после што поплавени биле простории на третиот кат, но водата се слевала и надолу, се до подрумот, потврдија за „Слободен печат“ три извори од Клиниката.

Токсикологија – табла / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

Токму на ваква хаварија предупредија вработени од Клиниката за токсикологија пред неколку дена, кога преку писмо упатено до медиумите алармираа дека Клиниката за токсикологија не е осигурана. Медицинскиот директор доктор Данил Петровски, според наши информации потпишал клиниката да се осигура, ама економската директорка Бесија Иљази не го дала својот врзан потпис за одлуката и така Клиниката не е осигурана.

„Клиниката нема спроведено постапка за осигурување на имот, осигурување на скапата медицинска опрема и осигурување од лекарска грешка, бидејќи в.д директорката не сака да потпише, затоа што не е прифатен нејзиниот брокер за осигурување и моментално клиниката два месеци не е осигурана иако за тоа сме со закон обврзани“, стоеше во реакцијата на вработените на Токсикологија.

„Слободен печат“ упати прашање до економската директорка Бесија Иљази преку нејзината секретарка кој ќе ја покрие штетата предизвикана ноќеска на клиниката, но до објавувањето на овој текст одговор нема.

Според нашите информации, пукнал радијатор на третиот кат во лекарската соба после што водата течела надолу и стигнала до подрумските простории. Поплавени биле неколку лекарски канцеларии, како и канцеларија за сметководство а хигиеничарките работеле со часови и собирале вода цело утро.

Економската директорка Бесија Иљази на прес-конференција беше обвинета од нејзините колеги универзитетски професори дека притиска 18 луѓе да се вработат на Клиниката за токсикологија, иако за нив нема реална потреба.

Тие на работа доаѓале 4 месеци без никаков договор и без плата и вршеле задолженија околу пациентите, изјави професор доктор Нико Беќаровски на прес-конференција пред неколку дена.

Иљази е назначена за економски директор еден ден пред формирањето на техничката влада.

После прес-конференцијата на лекарскиот колегиум таа одржа своја прес-конференција само на албански јазик која дел од медиумите ја напуштија со оглед на тоа што им беше соопштено дека превод ќе нема.

Токсиколошката лабораторија не е доекипирана, а на прес-конференцијата беа изнесени и скандалозни наводи дека болничарот барал услуга од лаборантот да смени резултат од урина за да прикрие присуство на наркотици во неа, но „услугата“ не му била завршена. 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот