Украина не може да се окупира и Москва полека го сфаќа тоа, смета германски експерт

Бегалци од Буча, Украина Фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Големиот руски воен конвој, кој пристигна пред Киев, значи дека битката за украинскиот главен град влегува во одлучувачка фаза. Мора да се претпостави дека командата ќе биде да се заземе градот, смета пензионираниот германски полковник Волфганг Рихтер.

Тој во интервју за „Дојче веле“ околу развојот на воената ситуација во Украина, вели дека ако е целта да се опколи Киев, тоа би бил подолготраен потфат. Според Рихтер, продорот во градот би бил најкрвавото сценарио кое може да се замисли, затоа што тогаш ќе дојде до борба од куќа до куќа, од улица до улица, а тоа „ќе се заврши ужасно за двете страни“.

„На целиот простор на западна Украина, со исклучок на воздушните напади, не гледаме никакви операции на руските копнени сили. Ако сега во борба влезе и втор бран на руски единици и ако можеби и се впуштат во градски борби, тогаш оваа воена операција всушност е пропадната. Зашто, тогаш постојат две можности: првата е да биде поголема подготвеноста на компромиси – постои назнака од двете страни дека ставовите се доближуваат и веќе немаат максималистички барања. Втората можност е Русија уште еднаш и со максимална ескалација да се обиде да постигне нешто што е човечки ужасно, а стратешко потполно бесмислено. Бидејќи Украина не може да се окупира. Ова сознание полека стигнува и до Москва“, вели Рихтер, кој работи како аналитичар за берлинската Фондација за наука и политика.

Пензионираниот полковник на германската војска ги коментира и најавите за полските авиони Миг-29, кои оваа земја сака да ѝ ги отстапи на Украина, но тоа да се случи преку САД.

Според Рихтер, околу ова политички сѐ е јасно – НАТО јасно стави до знаење дека не сака да биде страна во овој воен судир. Авионите кои полетуваат од земји на НАТО и напаѓаат цели во Украина мора да се сметаат за сили на некоја земја на НАТО. Полска очигледно не сака да се впушти во тој ризик и затоа сака тие авиони да ѝ ги отстапи на американската база во Рамштајн, Германија, смета германскиот експерт.

„Тука, секако, се поставуваат и воени прашања: Русија има стотици авиони и големи количества ракети и бомби. Прашање е колку и тие Мигови можат да донесат некаков пресврт. Освен тоа, дали сѐ уште постои инфраструктура да се одржуваат авионите? Има ли уште аеродроми? Постои ли логистика? Нападнати се и складишта со гориво. Таков авион не е обичен автомобил – тој мора да се одржува по секој лет. Сето тоа во воена смисла не е јасно, така што имам впечаток дека расправата во јавноста служи само за да се покаже дека ние нешто се обидуваме да направиме“, вели Рихтер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот