Дуда стравува дека Полска е следна мета, нема да испрати воени авиони во Украина

Анджеј Дуда/ Фото EPA-EFE/LESZEK SZYMANSKI

Анджеј Дуда, претседателот на Полска, во своето обраќање утринава рече дека не е можен трансфер на авионите МИГ-29 во Украина и се согласува со ставот на другите членки на НАТО дека мешањето во Украина би значело вовед во Третата Светска војна.

– Поради сојузничката одговорност, затоа не можеме да префрламе авиони, бидејќи сметаме дека нашите сојузници би можеле да ни замерат и дека тоа може да го доведе НАТО во тешка ситуација. Префрлувањето на авиони или обидот да се одбрани небото над Украина од руски борбени авиони е одлука која е строго воена и сериозна, бидејќи тоа значи дека авионите на НАТО ќе мора да бидат испратени во украинскиот воздушен простор. Би имало конфронтација меѓу авионите на НАТО и руските авиони, што значи почеток на Третата светска војна – изјави Дуда за Би-Би-Си.

Дуда рече дека се плаши дека Русија ќе го сврти своето внимание кон потенцијална инвазија на Полска, доколку успее во Украина. Тој верува дека сојузниците од НАТО ќе ги бранат доколку тоа се случи.

Тој ја цитира изјавата на поранешниот полски претседател Лех Качински: „Денес е Грузија, утре може да биде Украина, потоа балтичките земји, а потоа можеби е време за Полска“, откако Русија ја нападна Грузија во 2008 година.

– Не сакаме да бидеме во руската сфера на влијание, излеговме од неа и не сакаме да се вратиме таму – додаде тој.

– Роден сум во земја која не е целосно суверена или слободна. Кога некој зборува за руски социјализам или комунизам, ми се ежи кожата. Ние никогаш повеќе не сакаме да имаме советски војници овде,  не сакаме руска сфера на влијание овде. Тоа би било спротивно на нашите закони и не уништува како народ. Ова е уништување на нашата традиција – вели тој.

Тој смета дека Русија би можела да употреби хемиско оружје бидејќи Владимир Путин е во „многу тешка ситуација“.

– Всушност, политички тој веќе ја загуби војната и не ја доби ни внатрешно – додаде тој.

Тој вели дека доколку Путин употребил оружје за масовно уништување, тоа би значело „промена на играта“.

– Сигурно НАТО ќе мора да седне на таа маса и навистина треба сериозно да размисли што да прави, бидејќи тогаш ќе почне да биде опасно, не само за Европа, или нашиот регион, туку и за целиот свет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот