Во струшко школо се учи онлајн, министерството утре праќа инспекција

Околу 600 ученици од основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга и оваа недела продолжија со онлајн наставата, а од Државниот просветен инспекторат најавија дека утре ќе одат во вонреден инспекциски надзор за да го разгледаат ова прашање, објави „Алсат“.
„По најавите на медиумите за одржување онлајн настава во училиштето „Браќа Миладиновци“ во Струга, Државниот просветен инспекторат најдоцна до утре ќе излезе на терен за да изврши вонреден инспекциски надзор, врз основа на Законот за основно образование и инспекцијата ќе донесе и решение за кое ќе ве информираме,“, велат од Државниот просветен инспекторат.
Од Министерството за образование информираат дека, освен во Струга, онлајн настава се одржува и на други места поради реконструкција на училиштата. Оттаму велат дека се трудат реновирањата да се прават за време на распустот, но поради итноста, во некои училишта тоа морало да се направи и во текот на учебната година.
„Општините и училиштата кои се во нивна надлежност се одговорни за организирање на образовниот процес. Поради тоа, Министерството за образование и култура не дава согласност за организирање на онлајн настава. Оваа форма на настава може да се организира само во вонредни услови и со одлука на Владата“, велат од МОН.
Пред неколку дена и советниците на Струга се изјаснија дека немаат надлежност да донесат одлука за онлајн настава и дека тоа е надлежност на централната власт.