Во италијанско село се роди првото бебе по 30 години
Раѓањето на бебето Лара Буси Трабуко во селото Паљара деи Марси во италијанскиот Абруцо, стана симбол на надеж во земјата што се соочува со длабока демографска криза, бидејќи таа беше првото бебе родено во селото по речиси 30 години.
Препорачано
На крштевањето во локалната црква присуствуваше практично целата заедница, објави „Гардијан“. Нејзината мајка, Чинција Трабуко, наставничка по музичко, се преселила од Рим во родното село на нејзиниот дедо со желба да го одгледа своето дете подалеку од градската врева, додека нејзиниот партнер, Паоло Буси, е локален градежен работник.
Италија се соочува со таканаречената „демографска зима“ – во 2024 година е регистриран историски минимален број раѓања, со стапка на фертилитет од само 1,18 деца по жена.
Трендот е особено изразен во Абруцо, каде што бројот на новороденчиња дополнително се намали во текот на 2025 година.
Владата на италијанскиот премиер Џорџо Мелони воведе финансиски стимулации како што се „бонуси за бебиња“ и месечни надоместоци, кои исто така ги добиваше и семејството на Лара.
Сепак, родителите и локалните власти предупредуваат дека парите не се доволни. Недостатокот на градинки, затворањето на училиштата и породилиштата, несигурните работни места и слабата поддршка за мајките што работат се сè уште клучни проблеми , пишува „Гардијан“.


