Во ЕУ свинското месо ќе поскапува, ние имаме доволно и е поевтино

Месо во маркет / ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Европската унија сѐ уште не може да предвиди колку ќе поскапи свинското месо поради неизвесната ситуација на светскиот пазар, но извесно е дека се очекува ценовен шок, сметаат земјоделските комори на европските земји. Раст на цените се очекува поради опстанокот на секторот на пазарот, бидејќи цената на инпутите нагло порасна на глобално ниво, а моменталното производство е неодржливо.

Постојат стравувања дека поради војната меѓу Русија и Украина ќе влијае на зголемените трошоци за добиточна храна, но и на цените на енергијата, горивото и другите влезни трошоци.

Цените на свинското месо во ЕУ почнаа да закрепнуваат на крајот на 2021 година, а посилен раст се очекува на крајот на првиот и почетокот на вториот квартал од 2022 година. Проектиран раст на цените во 2022 година во однос на 2021 година е приближно 13 отсто.

Во Македонија, пак, месо има во доволни количини и засега нема да има промена на цената. Напротив, додека другите цени растат, цените на свинското месо се намалуваат. Причината за тоа беше големиот увоз на вишок замрзнато свинско месо, поради што цената на домашното свежо месо од почетокот на ноември до сега се намали за 20 проценти.

-Свињарството е единствената гранка во државата што обезбедува целосна покриеност на домашниот пазар со некој прехранбен производ. Во оваа гранка и многу се вложуваше и навистина направивме еден одличен европски модел за производство на квалитетно свинско месо. Ние имаме контролиран процес од самиот почеток на производството, снабдување со домашна сточна храна, сè до кланица – вели Перо Колевски, сопственик на компанијата „Агриа“ за „Слободен печат“.

Дека нема да има поскапување на свинското месо на почетокот од месецот најавија и производителите и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. Производителите и државата се договорија да се донесат две нови интервентни мерки за поддршка на свињарството.

Одгледувачите на свињи ќе добијат дополнителна поддршка од 1.500 денари за гоеници над 90 килограми предадени во преработувачки капацитети во периодот од феврурари до април и нова субвенција од 3.000 денари за маторица во категоризирани фарми. Ови две мерки се вредни речиси два милиона евра. Средствата ќе бидат добредојдени и за свињарските фарми на истокот од земјата што беа погодени од свинска чума.

-Не само што не очекуваме да се зголемат цените на свинското месо и преработките од месо туку се плашам дека цените и би можеле да паднат, вели за „Слободен печат“ Гоце Трајчев од МИК Свети Николе, кој е претседател на групацијата на производители и преработувачи на месо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот