Владата ги усвои измените за цените на лекување во приватните клиники, на потег Собранието

ФОТО: Драган Митрески - Слободен Печат.

 Владата синоќа ги усвои измените на Законот за здравствена заштита со кои ќе се регулираат цените во приватните болници за хоспитализација на болните од ковид-19.

Со нив и се дава законско овластување на Владата да определува највисоки цени во приватните болници во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување со цел услугите на приватните клиники да бидат економски подостапни до граѓаните.

Предвидено е и користење на ресурсите на приватните болници доколку  условите го наложуваат тоа согласно состојбата предизвикана од пандемијата и се забранува преземање на здравствените работници од јавното здравство од страна на приватните здравствени компании. Предвидени се и измени во делот на глобите за прекршоци доколку приватните здравствени установи не постапуваат согласно законските одредби.

Измените треба да ги усвои Собранието, а министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера прв ги најави овие измени, апелираше до пратениците да дадат поддршка на оваа законска регулатива.

– Ги повикувам сите пратеници во Собранието да дадат поддршка на оваа регулација на цените за здравствени услуги на ковид-пациенти во приватните болници. Во време на пандемија од клучна важност е пратениците да го изгласаат оваа законско решение со кое цените за третман на пациенти во приватните болници ќе бидат финансиски издржливи за сите граѓани, напиша Филипче на Фејсбук.

Вчера повторно беше регистрирана бројка од над илјада новозаболени. Министерството за здравство соопшти дека во изминатото деноноќие се пријавени нови 1.152 случаи од направени 4.045 тестирања што е 28 проценти. Починати се 27 лица на возраст од 54 до 82 години.

Ситуацијата, според министерот Филипче, е сериозна и има благо зголемување на притисокот врз ковид центрите. Мерките, смета тој, даваат резултат, но потребно е максимално придржување до нив за да се надмине овој епидемиолошки бран.
– Состојбата низ болниците секојдневно се менаџира според потребите, исполнетоста и отворањето на нови места за хоспитализација, информираше Филипче на Фејсбук.
Со бројки за новозаболени, починати и оздравени пациенти за минатата недела, вчера излезе и Институтот за јавно здравје. Според нивните податоци, во периодот од 5 до 11 април
регистрирани се нови 6.867 позитивни случаи во 35 градови што е намалување за 13,4 проценти во однос на претходната недела, но зголемена е смртноста за 6,2 проценти.
Во овој период се пријавени 276 смртни случаи од 29 градови. Најголем број се над 60 години.
Заболени лица се регистрирани во сите возрасни групи. Најзастапени се оние над 60 години, а голем број заболени има и кај возрасната група од 50-59 години. Најмал број е регистриран кај децата до 9 години.
Според извештајот на ИЈЗ, заклучно со 11 април вакцинирани се 7.011 здравствени работници со една доза и 5.857 со две дози вакцини. Вакцинирани се вкупно и 8.330 граѓани над 77 години и 12.093 лица од критичната популација
Вчера заврши и вакцинацијата на дел од вработените во критичната инфраструктура во спортската сала „Борис Трајковски” во Скопје. Министерството за здравство доцна синоќа соопшти дека се отворени дополнителни термини за вакцинирање на граѓани на возраст од 73 и 74 години. Оние кои сакаат да се вакцинираат и се имаат пријавено преку веб страницата vakcinacija.mk или преку матичен лекар, треба да се пријават кај својот матичен лекар за да им закаже термин за вакцинација. Вакцинацијата за нив ќе почне од четврток, на пунктовите во А1 СЦ „Борис Трајковски”. За другите граѓани, вакцинацијата продолжува согласно Националната стартегија за ковид имунизација со приоритет врз основа на возраст.
И додека бројот на новозаболени сеуште е над илјада лица дневно, секојдневно има граѓани кои не носат заштитна опрема на лицето и го прекршуваат полицискиот час. Според  евиденцијта на полицијата, во периодот од 20 часот на 12 април до 05 часот на 13 април регистрирани се 28 прекршувања на полицискиот час и 431 прекршок за неносење заштитна маска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот