Владата да ги ограничи цените на брашното, маслото, млекото?

img alt
Зејтин / Принтксрин-Јутјуб

Има механизми, посебно ако се повикаме на Законот за трговија, каде што за основните производи може да донесеме одлуки за замрзнување одредени цени, рече министерот за економија Бектеши

Се засилуваат барањата за државна интервенција кај цените на одредени производи за да се спаси животниот стандард и да се задржи потрошувачката. Коментирајќи го предупредувањето на преработувачите дека храната драстично ќе поскапи, министерот за економија Крешник Бектеши рече дека будно ја следат ситуацијата во делот на глобалниот синџир на снабдување, посебно со прехранбените производи и, ако е потребно, ќе се искористат механизмите за да нема ценовни шокови.

Од Стопанската комора на Македонија потсетуваат на најавата на вицепремиерот Фатмир Битиќи за нови мерки за да се заштитат потрошувачите, но предупредуваат дека ако се мисли на замрзнување на цените како минатата година, тоа ќе биде катастрофално и ќе доведе до загуби кај компаниите.

– Минатата година беа замрзнати цените на одредени домашни производи додека на оние од увоз не беа, со што се направи голема штета кај домашните компании – потсети Васко Ристовски од СКМ.

– Секако има механизми, посебно ако се повикаме на Законот за трговија, каде што за основните производи може да донесеме одлуки во делот на замрзнување одредени цени, било тоа да се цени за прехранбените производи или суровини што се увезуваат или се продаваат директно во голема и мала продажба – рече министерот.

Реакција има и од Организацијата на потрошувачите, од каде што потенцираат дека не може да мируваат и дека се исплашени за моменталната ситуацијата. Порастот на цените на производите од 5 до 10 отсто е веќе товар за граѓаните, вели претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, со порака дека тие мора да бидат вклучени во сите дискусии за цените.

– Нашиот апел до бизнис-заедницата и до Владата е да се погрижи за ограничување на цените, барем за основните производи какви што се маслото, брашното, лебот, шеќерот, солта и млекото – додаде Велкова за „Утрински брифинг“.

Претходно, премиерот Зоран Заев увери дека се преземаат мерки за да се одржи стабилна цената на електричната енергија за домаќинствата, како и за помош на компаниите, а за прогнозите за скок на цените на храната и до 50 проценти, рече дека се претерани.

Летоска Владата на Црна Гора донесе одлука за максималната малопродажна цена на пченичниот бел леб на предлог на тамошното Министерство за економски развој. Според информациите, цената на белиот леб од 500 до 600 грама беше ограничена на 50 центи за парче, а на векните од 300 до 400 грама на 40 центи за парче. Образложението беше да се спречи натамошниот раст на цената на белиот пченичен леб за да се заштити стандардот на граѓаните, а особено на најзагрозените социјални слоеви, при што нема да се делува репресивно на другите пекарски производи. Замрзнатите цени ќе траат до 31 декември годинава.

Владата, Комората и регулаторот во заедничка акција против цената на струјата

Кризата е реалност, ќе потрае подолг период и ќе бара решенија што ќе имаат и долгорочен и краткорочен карактер. Ова е кусото образложение по заедничката средба во Стопанската комора на Македонија, на која во присуство на премиерот Зоран Заев и Марко Бислимоски, претседател на РКЕ, се разгледувала состојбата настаната со енормното покачување на цените на енергенсите на светските берзи.

– Мора да се изврши мобилизација на сите учесници во овој процес, бидејќи тоа е од круцијален карактер за егзистирање и развој на македонската економија. На сите тие чинители паѓа голема одговорност да ја менаџираат ситуацијата на највисоко професионално ниво и во согласност со веќе изграденото мислење на светските авторитети дека времето на евтината енергија полека привршува и дека сите ќе мора да ја прифатиме новата реалност – стои во соопштението од средбата.

Се поздравува одлуката за интервентен увоз на јаглен за нашите електрани, со што ќе се подигне на максимално ниво домашното производство и се повикуваат компаниите да учествуваат на овој јавен повик, кој ќе овозможи нивна работа подолг период и поевтина електрична енергија и за нив и за домаќинствата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот