Виландер: Ѓоковиќ нема да застане, ќе освои 26 грен слем титули
Поранешниот светски рекет број еден, а сега коментатор на Еуроспорт, Матс Виландер го коментираше учеството на Новак Ѓоковиќ на САД опен.
– Мораме да престанеме да се изненадуваме кога губи, но да бидеме повеќе изненадени што тој сè уште освојува турнири на 37 години. Човекот е неверојатен – изјави Виландер за „Спорт клуб“.
Виландер се согласи со Ѓоковиќ дека промената на подлогата, односно преминот од земјена подлога многу го отежнува настапот на четвртиот Грен слем.
– Мислам дека Новак објасни сѐ добро на прес-конференцијата. Комплицирано е да се игра на земјена подлога на средина од сезоната, а да нема ниту еден меч пред САД опен – рече Виландер.
Освојувачот на седум грен слем титули е уверен дека српскиот тенисер ќе освои уште два Грен слема.
– Засега не го гледам како старее, не мислам дека ова е година кога мислиме „ах, тој има 37 години“. Физички не го забележувам како старее, психички – се чини дека станува попаметен. Мислам дека ќе освои уште неколку слемови, дека ќе заврши на 26 грен слем титули. Изненадување е што загуби, но Попирин го направи она што многумина не можеа – сервираше по аглите, понекогаш ја удираше топката со сета сила, играше со варијација на бекхенд – се зборовите на Виландер.
Моментно на вечната листа Ѓоковиќ има 24 грен слем титули, две повеќе од Шпанецот Рафаел Надал, а на 20 застана Швајцарецот Рожер Федерер.