ВИДЕО: Владата дава препорака, од работодавецот зависи дали ќе се почитува

Трудовите инспектори затекнале непочитување на препораките за ослободување од работа за работници кои работат на отворено

Трудовите инспектори извршиле 95 надзори во правни субјекти каде што работните активности се извршуваат на отворено, во деновите кога Македонија беше зафатена од топлотниот бран, информира директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска.

– Најмногу неправилности се забележуваат во градежниот сектор, и затоа најголем дел од надзорите се фокусирани таму, но и во останатите дејности се вршат инспекциски надзори кај правни субјекти во кои производствениот и технолошкиот процес може да биде ризичен за здравјето на работниците, особено при екстремно високи температури. Надзор се врши и во комуналните дејности.Издадени се 23 наредби за почитување на препораките, и решенија за забрана за вршење на работата на отворено кај 14 правни субјекти. Инспекторите контролниот надзор го прават во периодот од 11 до 17 часот за да утврдат дали се почитуваат препораките. Доколку не се почитува забраната за работа на отворен простор, се издаваат и прекршочни платни налози за работодавачот, а доколку работникот не ја носи заштитната облека и покрај тоа што му е обезбедена, се казнува со 29 евра во денарска противвредност, или 10 евра ако се плати во рок од 8 дена, вели Тренчевска.

Казни добиваат и работниците. На 24 и 25 јуни, во најтоплите денови, издадени биле шест прекршочни платни налози за работници на кои им била обезбедена работна опрема, но не ја користеле.

Кога Владата дава препорака за ослободување од работа, дали работникот ќе биде ослободен зависи од добрата воља на работодавецот.

– Кога Владата дава препорака, се остава на добрата воља на работодавецот, бидејќи не станува збор за задолжителна обврска.  Меѓутоа Законот за безбедност и здравје при работа содржи одредби кои се во делот на заштитата на работниците, така што покрај препораките од Владата согласно акцискиот план за работа на екстремно високи температури, инспекторите ги следат и одредбите од Законот за заштита при работа. Доколку не се почитуваат прекршочните одредби се изрекуваат инспекциски мерки, зависно од утврдените неправилности, нагласува директорката на ДИТ.

Таа вели дека секојдневно се во комуникација со надлежните институции, во однос на временските услови во државата

– На работодавачите им укажуваме дека треба да ги почитуваат препораките и да ја реорганизираат работата. Односно, да започнуваат со работни активности порано, и да прават пауза од 11 до 17 часот како и да обезбедуваат течности и разладено за работниците, додаде Тренчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот