ВИДЕО | Трагична смрт на 71-годишна жена во Италија: Ја прегазил 13-годишен Ром со автомобил украден од француски турист
Полицијата во Италија уапси четири деца на возраст меѓу 11 и 13 години во врска со фаталната сообраќајна несреќа во која загина 71-годишната Сесилија де Астис во населба во Милано во понеделникот.
Препорачано
Според локалните медиуми, четирите деца се скриле во ромски камп во близина на местото на несреќата откако 71-годишната жена била смртно прегазена.
Според истите извори, 13-годишник кој е меѓу уапсените бил зад воланот на автомобилот што пак бил украден од француски турист. Четирите деца сепак не можат да бидат обвинети според италијанскиот закон, кој предвидува кривична одговорност на 14 години.
Полицијата ги претресува домовите на осомничените, анализира отпечатоци од прсти во возилото, ги испитува телефонските записи и прегледува други снимки.
Несреќата се случила кога малолетникот ја изгубил контролата, поради што удрил во заштитната ограда, а потоа и во 71-годишната жена, која наводно била фрлена 10 метри пред возилото кое пак запрело кога удрило во сообраќаен знак.
По несреќата, заменик-премиерот на Италија, Матео Салвини, повика на демонтирање на ромскиот камп каде што се криеле четирите малолетници.
-Ромскиот камп мора веднаш да се евакуира, а потоа да се сруши, по години кражба и насилство, лажните „родители“ мора да бидат уапсени и нивните родителски права да бидат одземени. Градоначалнику Сала и левичари, дали сте таму? Молитва за кутрата Сесилија – рече Салвини.
Но, градоначалникот Џузепе Сала возврати, велејќи дека е „срамно да се шпекулира за смртта на едно лице во такви ужасни околности, особено од страна на високи владини претставници“, објави „Ла Република“.
Де Астис, која дошла од Пуља каде работела како ткајачка во фабрика, имала два сина, а наполнила 71 година претходно во јуни.
Украдениот автомобил, според информациите, му припаѓал на 20-годишник од Стразбур, кој дошол во посета на Милано со тројца пријатели и го оставил автомобилот паркиран на пат на 1,5 километри од местото на фаталната несреќа.


