Британскиот Антарктички истражувачки сервис - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Работа од соништата за плата од 35 илјади евра, сместување, храна и разни бенефиции: Има само еден услов

Британскиот Антарктички истражувачки сервис – БАС (BAS) отвори нови работни позиции на своите истражувачки станици на Антарктик и најавува дека во следните месеци ќе објави уште слободни позиции. Според БАС, се бараат кандидати подготвени да работат во едно од најекстремните места на Земјата, без страв од студот и долгите поларни ноќи.

Позициите се различни – од оператори на земјоделски машини, техничари за дизел енергија, капетани на пловила и нуркачи, до метеоролошки набљудувачи и радиооператори. Во наредните три месеци ќе се објават и позиции за готвачи, раководители на станици и асистенти во теренски истражувања на животни.

Плата и бенефиции

Годишната плата започнува од 30.244 фунти (околу 35.000 евра), со можност за договори од 6 до 18 месеци. Покрај платата, БАС обезбедува комплетен логистички и животен пакет – сместување, храна, патувања, специјална облека, алати и обука. Поради тоа што на Антарктикот нема трошоци за живот, вработените можат значително да заштедат за време на престојот.

Живот во поларни услови

Сепак, животот на Антарктик не е за секого. Континентот шест месеци годишно е во целосна темнина, а температурите можат да паднат до –89 степени Целзиусови. Мејк Брајан, кој управува со станицата Rothsera, објаснува дека секој член на тимот е важен – од столари, водоинсталатери и механичари до инженери и готвачи.

„Луѓето кои работат на нашите станици се обични луѓе, со обични работи – само на исклучително место“, вели тој.

Искуство на вработените

Се потврдува дека работата е истовремено предизвикувачка и исполнувачка. Столарот Фил Кулман, кој работи на станицата Halley VI, се придружил на БАС пред шест години и од тогаш се враќа секоја сезона.

„Работата бара прилагодување и тимска соработка. Научив вештини кои ги понесов во ‘реалниот свет’ и правев нешта за кои никогаш не мислев дека ќе имам прилика“, вели тој.

Совети за живот на Антарктик

Tикток-креаторот Мети Џордан редовно објавува видеа за животот на Јужниот пол и советува за преживување во екстремни услови. На пример, храна и пијалаци оставени надвор се замрзнуваат за миг, а на температури од –43 степени Целзиусови потребни се најмалку три слоја облека, додека на –50 степени Целзиусови се препорачуваат пет слоја, заедно со специјална јакна, ракавици, чизми и заштитни очила.

Пријавување

За сите заинтересирани, БАС ги објавува деталите за новите позиции на својата веб-страница. Во следните три месеци ќе се појават дополнителни огласи, па има доволно време за пријавување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот