ФОТО+ВИДЕО | Објавен трејлерот за „Ѓаволот носи Прада 2“: Мерил Стрип и Ен Хатавеј се враќаат во светот на високата мода
Дваесет години по премиерата на култниот филм „Ѓаволот носи Прада“ (The Devil Wears Prada), Мерил Стрип и Ен Хатавеј повторно се враќаат во светот на високата мода, амбицијата и канцелариските игри на моќта. Студиото „Твентит сенчури стјудиоз“ го објави првиот трејлер за долгонајавуваното продолжение, кое во кината пристигнува на 1 мај годинава.
Препорачано
Во продолжението, Миранда Пристли, легендарната уредничка на модното списание „Ранвеј“, повторно ја толкува Мерил Стрип. Приказната ја следи нејзината борба со падот на печатеното новинарство и обидот да се снајде во индустрија што полека исчезнува. Во таа битка, Пристли се соочува со ликот на Емили Блант, нејзината поранешна асистентка, која сега е моќна извршна директорка во луксузна корпорација и ја контролира рекламната моќ што „Ранвеј“ очајно ја бара.
Оригиналниот филм ја следеше приказната на младата дипломирана новинарка Андреа Сакс, ликот што го играше Ен Хатавеј, која доаѓа во Њујорк во потрага по работа и завршува како јуниор-асистентка на суровата, но брилијантна Миранда Пристли. Балансирајќи меѓу кариерата и приватниот живот, Андреа ризикува да ги изгуби пријателствата и љубовната врска. Филмот од 2006 година беше огромен критички и комерцијален успех, со заработка од 326 милиони долари ширум светот.

Покрај Стрип, Хатавеј и Блант, во продолжението се враќаат и Стенли Тучи, Трејси Томс и Тибор Фелдман. Нови засилувања во актерската екипа се Кенет Брана и Патрик Брамал, кои ги толкуваат љубовните партнери на ликовите на Стрип и Хатавеј. Дел од актерската постава се и Лејди Гага, Луси Лиу, Би-Џеј Новак, Џастин Теру, Симон Ешли и Полин Шаламе.
Бродвејските ѕвезди Хелен Џ. Шен и Конрад Рикамора, како и комичарот Кејлеб Хирон, исто така ќе се појават во филмот. Единствено нема да се врати Адријан Грениер, кој во оригиналот го толкуваше момчето на Андреа, Нејт.
Режисерот Дејвид Френкел и сценаристката Алин Брош Мекена, кои стоеја зад првиот филм, повторно се враќаат, заедно со продуцентката Венди Фајнерман. Премиерата на филмот е закажана за 1 мај 2026 година.


