ВИДЕО | Несомнено е дека треба да учествуваме и понатаму на Венециското биенале

На 20 мај во Венеција беше отворен македонскиот павилјон на 17-то Венециско биенале на архитектура. Проектот „Сега“ на Бирото за иновативна архитектура (БИНА) и кураторите Бекир Адеми и Јордан Шишоски заедно со поголема екипа соработници. Македонскиот павилјон се наоѓа во Регионалната канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, палатата „Зорзи“.

„Како што предвидовме и на почетокот, просторот беше сосема соодветен за концептот на нашиот павилјон и за изложбата, бидејќи е на отворено. Проектот е симболичен приказ на сегмент од светот и директна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова открива два аспекти на просторно временската егзистенција, значи потребата за одвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска врска со околината. Инаку инсталацијата на прв поглед е интровертна, питома и едноставна на самиот влез, меѓутоа откако ќе пристапите поблиску расте и се претвора во една широка сфера без граници каде интеракцијата и пресекот суштински ја генерираат формата, создавајќи чувство на споделена хармонија и стабилност на посетителите. Знаејќи ја важноста на Биеналето во Венеција, несомнено е дека треба да се продолжи традицијата на претставување на македонската архитектура иако во нашата архитектонска сцена постојат различни турбуленции кои создаваат многу проблеми, особено за самите архитекти а тоа значи и за просторното уредување, за урбанизмот и воопшто за архитектонската свест кај нас“, вели за Утрински брифинг, Бекир Адеми, главниот куратор на македонскиот павилјон на Биеналето на архитектура во Венеција.

„Нашата држава апсолутно треба да продолжи да учествува на оваа манифестација и да учествува со уште поголем елан. Овој настан, како и уметничкото биенале во Венеција не добиваат доволно видливост кај нас. И бидејќи овде се работи за претставување на државата, мислам дека таа треба да биде значително поангажирана, да се овозможат повеќе средства, не само за претставувањето на нашите архитекти и уметници во светот, туку и за претставување на светската архитектура пред домашната јавност. Ова е совршено време да се претстави архитектурата и сметам дека во иднина Министерството за култура и останатите инстиуции, како и медиумите треба да посветат повеќе внимание на одредени настани кои би биле паралелни со Биеналето, каде што ќе се дискутира за архитектурата и ќе се едуцира јавноста за значањето на архитектурата“, рече Јордан Шишоски, еден од кураторите на македонското претставување на Биеналето на архитектура.

Македонското учество на Биналето е под покровителство на Министерството за култура а во организација на Националната галерија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот