ВИДЕО | Мерил Стрип откри дека Миранда Пристли не е инспирирана од Ана Винтур, туку од двајца познати холивудски мажи
Мерил Стрип конечно стави крај на гласините стари речиси две децении и откри кој навистина послужил како инспирација за култната улога на уредничката Миранда Пристли во хитот „Ѓаволот носи Прада“. Иако со години многумина веруваа дека ликот е базиран на Ана Винтур, вистината е поинаква – инспирацијата доаѓа од двајца познати холивудски мажи, пишува „Пипл“.
Препорачано
Во пресрет на долгоочекуваната премиера на продолжението на филмот „Ѓаволот носи Прада“, закажана за 1 мај, легендарната актерка гостуваше во емисијата на Стивен Колбер. Таму откри дека препознатливиот лик на модната диктаторка е комбинација од личностите на режисерите Мајк Николс и Клинт Иствуд, а притоа се осврна и на нерамноправниот третман на филмовите со женска тематика во Холивуд.
„Цело време всушност го имитирав Мајк Николс. Да имаа тој и Клинт Иствуд дете, тоа ќе беше Миранда Пристли“, објасни Стрип.
Таа додаде дека од Николс го презела специфичниот хумор и авторитетниот став на снимање, додека од Иствуд ја позајмила тивката, но силна присутност.
„Клинт никогаш не го кревал гласот. Зборуваше толку тивко што луѓето мораа да се наведнат за да го слушнат“, се присети оскаровката, додавајќи дека Николс знаел за оваа „тајна“ и бил воодушевен, додека на Иствуд сè уште не му ја открила.
За ова телевизиско гостување, Стрип внимателно го избрала и својот изглед. Таа се појави во препознатлив џемпер во сина нијанса, со што директно оддаде почит на една од најпознатите сцени и монолози од оригиналниот филм, во која глуми заедно со Ен Хатавеј.
Станува збор за дизајн направен специјално за неа, а овој моден избор дополнително го зголеми воодушевувањето кај фановите пред излегувањето на вториот дел.
„Мерил сè прави култно. Ние само се погриживме оваа сина нијанса да го оправда тоа“, изјави дизајнерката на џемперот.
Актерката се наврати и на 2006 година, кога „Ѓаволот носи Прада“ неправедно бил означен како типичен „женски филм“, поради што тимот морал да се бори за секој долар од буџетот. „Таа етикета не остаре добро“, рече Стрип, повлекувајќи паралела со понови филмски хитови.
Таа ги истакна успесите на филмови како „Барби“ и „Мама Миа!“, нагласувајќи дека филмовите со жени во центарот на приказната често ги изненадуваат студијата со својот комерцијален успех. Сепак, додаде дека времињата денес значително се промениле.
„За ова продолжение, навистина го отворија новчаникот“, заклучи Стрип.


