ВИДЕО | Мемето со Џон Хам донесе на врвот песна објавена пред 15 години
Откако мемето со актерот Џон Хам се прошири на социјалните мрежи, и песната што го придружува „Turn The Lights Off“, неочекувано се искачи на првото место на листата „Вирал 50“ на музичката платформа Спотифај, и тоа повеќе од 15 години по нејзиното објавување.
Препорачано
View this post on Instagram
Станува збор за песната на данскиот музички продуцент Като, со вокали на Јон Норгард. Верзијата што денес повторно е во центарот на вниманието првично беше објавена кон крајот на 2009 година, а новиот бран популарност го доби благодарение на широко споделуваното меме со Џон Хам.
Сè започна со краток кадар од серијата „Your Friends & Neighbors“, во кој Хам се гледа како опуштено танцува во ноќен клуб, со затворени очи и целосно препуштен на музиката. Корисниците на Тикток и Инстаграм почнаа да го користат овој момент како универзален одговор на мали, секојдневни успеси и задоволства – од решени ситни обврски до мигови на внатрешен мир.
Иако песната имала солиден прием во клубовите кога првпат се појави, никој не можел да претпостави дека по една и пол деценија ќе стане музичка подлога на светски интернет-феномен.
Со ширењето на снимката, системите на социјалните мрежи дополнително ја истакнаа песната пред огромна публика. Десетици илјади видеа го користеа истиот музички исечок, а многу од нив за кратко време собраа милионски прегледи. Паралелно со тоа, нагло порасна и бројот на слушања, па песната се најде на врвот на „Вирал 50“ листата на Спотифај и за првпат влезе на официјални музички листи, меѓу кои и канадската листа на Билборд.
Като за списанието „Ролин Стоун“ изјави дека „ни на крај памет не му било вакво повторно оживување на својата песна“.
„Сè се случи сосема случајно. Никогаш не сум помислил дека е можно песна објавена пред 15 години да стане светски хит. Но, ми се допаѓа! Се чувствувам скромно и благодарно што нешто што го создадовме тогаш денес може позитивно да влијае врз луѓето“, рече тој.
Тој додава дека за случувањата дознал откако бил означен во неколку видеа од украински и руски профили на Инстаграм, иако на почетокот не му било јасно што значат тие објави.
„Социјалните мрежи навистина можат да го променат животот преку ноќ. Преплавен сум од вниманието и од новите можности“, порача Като.
Веста дека песната се искачила на првото место на листата „Вирал 50“ ја одбележа така што и самиот се приклучи на шегата и се сними со истата сцена. Од повторното оживување досега, песната има над 35 милиони слушања на Спотифај и остварува околу 140.000 слушања дневно.


