ВИДЕО | Марго Роби и Бредли Купер во филм за почетоците на „Оушн 11“ – снимањето ќе започне оваа година
Актерката Марго Роби откри детали за дејството на претстојниот преднастанок (prequel) на франшизата „Оушн11“ (Ocean’s 11). Роби ги сподели новостите во промотивно видео прикажано на презентацијата на студиото „Warner Bros“, за време на „CinemaCon 2026“ во Лас Вегас, пишува „Верајети“.
Препорачано
„Во нашиот нов филм ќе ги гледате како изведуваат голем грабеж за време на Големата награда на Монако во 1962 година“, изјави Роби.
Марго ќе толкува една од главните улоги, а воедно е и продуцент на проектот. Филмски партнер ќе ѝ биде Бредли Купер. Според наводите на странските медиуми, се шпекулира дека токму тие двајца ќе ги играат улогите на родителите на Дени Оушн, ликот кој во оригиналната трилогија го глумеше Џорџ Клуни.
Купер се споменува и како можен режисер на филмот, откако двајца претходни режисери се повлекоа од проектот. Премиерата на преднастанокот е закажана за 25 јуни 2027 година, што укажува на тоа дека снимањето би можело да започне уште годинава.
Освен тоа, во подготовка е и „Оушн 14“, односно посебно продолжение со оригиналната актерска постава. Овој филм треба повторно да ги обедини Џорџ Клуни, Бред Пит, Џулија Робертс, Дон Чидл и Кејси Афлек, а почетокот на снимањето се очекува во октомври.


