ВИДЕО: Јанис со „ѕверска“ партија му донесе шампионска титула на Милвоки по пауза од 50 години

EPA-EFE/TANNEN MAURY

Кошаркарите на Милвоки бакс се нови шампиони на НБА лигата откако во шестиот натпревар славеа со 105:98 над Феникс санс и триумфираа со вкупни 4:2 во победи во големото финале.

Херој на Милвоки бакс и човек кој го реши шестиот натпревар беше Јанис Адетокумпо кој го одигра најдобриот натпревар во кариерата кога беше најпотребно, постигна 50 поени со шут 16-25, а од линијата за слободни фрлања имаше неверојатни 17-19. Згора на тоа имаше и 14 скокови и пет блокади.


Во натпреварите кои ја носат титулата, единствено уште Боб Петит постигнал 50 поени во 1958 додека, следен на оваа листа е Мајкл Џордан со 47 постигнати поени во натпреварот со кој неговата екипа ја освоила шампионската титула.

Интересно е што пред преполниот „Фисерв форум“ имаше повеќе од 70.000 навивачи на Милвоки, а Бакси ја слават титулата по точно 50 години и генерацијата на Оскар Робертсон и Карим Абдул-Џабар кои во 1971 година ја освоија досега единствената титула.

 

Натпреварот започна со одлична игра на Милвоки кој првата четвртина ја доби со 29:16, но „сонцата“ одговорија во втората која ја решија во своја корист со 13:31. Како и во најголем дел од големото финале, шутот за три поени не ги служеше кошаркарите на Милвоки, но сето тоа го надополнуваше неверојатниот Адетокумпо и во последната четвртина се влезе израмнето.

Во самата завршница, Крис Мидлтон погоди неколку важни шута со кои Милвоки поведе со 96:90 на четири и пол минути до крајот, а потоа и клучниот шут за 102:96 на 56 секунди до крајот, како и двете слободни фрлања 12 секунди подоцна со кои стави точка на натпреварот.


Мидлтон натпреварот го заврши со 17 поени, Боби портис даде 16 поени, додека кај Феникс, Крис Пол постигна 26 поени, а Девин Букер само 19 поени.
Милвоки на патот до титулата во плеј офот ги елиминира Мајами хит, Бруклин нетс, Атланта хоукс и во големото финале, Феникс санс. Феникс пак беше подобар од ЛА Лејкерс, Денвер нагетс и ЛА Клиперс.

Очекувано, МВП признанието за најдобар играч во големото финале отиде во рацете на Јаникс Адетокумпо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот