ВИДЕО | Храбар потег: Вил Смит се соочи со својот најголем страв
Холивудската ѕвезда Вил Смит неодамна се соочи со еден од своите најголеми стравови, да биде во близина на змија. Тоа се случи во емисијата „The Tonight Show“ кај Џими Фалон, каде што гостуваше за да го промовира својот нов проект „Pole to Pole with Will Smith“.
Препорачано
Станува збор за документарна серија на „Нејшнл географик“, која може да се гледа на платформата „Дини +“.
57-годишниот актер раскажа дека за време на една експедиција на Арктикот можел да го загуби животот. Тимот нуркал под дебел слој мраз, но само неколку минути по почетокот на нуркањето, авантурата тргнала во погрешна насока.
Тие потонале подлабоко, а кога Смит се обидел да излезе на површината, удрил директно во мразот. Во паника, фатил едно јаже и случајно си ја симнал маската. Брзо ја вратил на лицето и се обидел да се смири, иако срцето му чукало како лудо.
Но, тоа не била единствената опасна ситуација што ја доживеал снимајќи ја серијата. Смит се присетил и на едно неверојатно искуство од Амазонија, каде што учествувал во лов на анаконда.
„Бевме со домородци, се движевме по реката, кога тие ја забележаа анакондата. Скокнаа од чамецот во водата и почнаа да пливаат по неа“, раскажал актерот.
Тој објаснил дека ловот бил дел од поголема иницијатива за заштита на природата.
„Се сомневаа дека има нелегално загадување. Лушпите од анакондата ги задржуваат сите честички од водата, па зедоа примерок за да го тестираат и да можат да го користат како доказ на суд“, објаснил Смит.
Потоа Џими Фалон го прашал дали и понатаму има страв од змии, а Смит одговори дека веќе имал „средба со анаконда“. Кога Фалон го праша дали би можел да ја држи во раце, актерот рекол „хипотетички – да“.
Но Фалон го прекинал со зборовите дека ова е шоу и дека живееме во реалност, по што во студиото влегле соработници кои донеле вистинска анаконда. Смит добил задача да ја држи 30 секунди без да паничи.
„Навистина е силна. Цела е од мускули. И не ѝ се допаѓа мојата маица“, изјавил Вил Смит.
И по истекот на 30-те секунди, Смит останал вкочанет, а публиката во студиото го поздравила со громогласен аплауз.


