ВИДЕО | Еден ден по смртта на Џејмс Ван Дер Бик, сопругата му оддаде почит со акустична верзија на песната од серијата
Кимберли Ван Дер Бик, сопругата на актерот Џејмс Ван Дер Бик, кој почина во средата, сподели емотивна изведба на песната „I Don’t Want to Wait“, препознатлива како воведна тема од серијата „Светот на Досон“ (Dawson’s Creek).
Препорачано
Акустичната обработка ја сними кантри-пејачката Алана Спрингстин како израз на поддршка за семејството на починатиот актер.
Пејачката и авторка Алана Спрингстин објави акустична верзија на песната, која во оригинал ја изведува Пола Кол, во соработка со Сара Барес и Лорен ЛаРу. Во описот таа напиша дека веста за смртта длабоко ја погодила и упати сочувство до семејството.
„Толку многу девојки си ги исполнувале деновите со неговото дело. Се молам за неговото прекрасно семејство“, порача Спрингстин, додавајќи дека пријатели на семејството покренале онлајн-кампања за собирање средства за да им помогнат со трошоците.
На изведбата реагираше и Пола Кол, која во коментар напиша: „Прекрасно. Само солзи. Ви благодарам што му оддадовте почит на Џејмс и на неговото семејство.“
Снимката ја сподели и Кимберли на својот профил на Инстаграм.
Пријатели на семејството покренаа кампања на платформата „Гоу фанд ми“ со цел да обезбедат финансиска поддршка по смртта на актерот. Во описот се наведува дека семејството се соочува со сериозни финансиски потешкотии и се обидува да го задржи својот дом.
„По оваа загуба, Кимберли и децата се соочуваат со неизвесна иднина. Трошоците за лекувањето и долгата борба со ракот ги исцрпија семејните финансии“, стои во објавата. Се додава дека средствата ќе бидат наменети за покривање на основните животни трошоци, сметки и образованието на децата.
Досега се собрани повеќе од два милиони долари, а меѓу донаторите е и познатиот режисер Стивен Спилберг, кој донирал 25 илјади долари. Џејмс и Кимберли имаа шест деца.
Џејмс Ван Дер Бик почина на 11 февруари, на 49-годишна возраст, од последици предизвикани од рак на дебелото црево во трет стадиум. Веста за неговата смрт ја потврди сопругата преку социјалните мрежи.
На актерот му беше дијагностициран рак во август 2023 година, а информацијата јавно ја сподели во интервју за списанието „Пипл“ во ноември 2024 година. Тогаш изјави дека се соочува со болеста приватно и дека ја има поддршката од своето семејство.


