ВИДЕО: Е. Пелистер ја загуби првата битка со белорускиот Мешков

Битолчани ќе бркаат негатива на реваншот во Белорусија/Фото: instagram.com/rkeurofarmpelister

Денеска во првиот натпревар од четвртфиналето во СЕХА лигата составот на Е. Пелистер во Битола загуби од Мешков Брест со 27:31.

Во ниту еден момент од мечот во салата „Боро Чурлевски“ македонскиот вицешампион не беше во водство, од првата до последната минута Белорусите го контролираа резултатот во своја корист.

На стартот единствено играчите на Жељко Бабиќ двапати ремизираа на 1:1 и 2:2, па неколку пати намалуваа на „минус еден“ (3:4, 5:6).

Следуваше серија на гостите од 4:1, во 24 минута за 6:10 се погрижи Санталов. Пред паузата ривалите достигнаа и највисоки 8:13, а пред паузата намали Божиќ-Павлетиќ.

Ништо не се промени во вториот дел, растеше позитивата на Мешков кој и пред мечот ја имаше фаворитската улога и истата ја оправда. Најголемата негатива Е. Пелистер ја имаше во 46 минута (16:24) и 47 минута (17:25), по што дилемите беа решени кој ќе биде победникот на овие први 60 минути од четвртфиналниот двомеч.

До крајот на средбата домашните ракометари се потрудија само да го ублажат поразот, во што успеаја, и на крајот загубија со достојни четири голови разлика (27:31), што секако остава и натаму шанси битолчани да се надеваат дека можат да направат целосен пресврт на реваншот и се изборат за свое прво учество на Ф4 турнирот во регионалното натпреварување.

Мандалиниќ беше најефикасен во девет голови за Е. Пелистер, три помалку запиша Периќ, а на спротивната страна Кашпарек имаше осум, а Ваилупау шест погодоци. Реваншот во Белорусија ќе се одигра на 29 август.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот