ВИДЕО | Брутална сума: Познато е колку Мараја Кери заработува годишно од песната „All I Want for Christmas Is You“
Пејачката Мараја Кери од песната „All I Want For Christmas is You“ годишно инкасира околу 2,5 милиони долари од авторски права, според пресметките на списанието „Економист“, додека „Њујорк Пост“ ја проценува сумата на околу 3 милиони долари, пренесува „Е“.
Препорачано
Ова е дополнување на 60 милиони долари од авторски права што пејачката веќе ги добила откако песната првпат беше објавена пред речиси три децении, во 1994 година. Песната се појави на нејзиниот четврти студиски албум „Merry Christmas“, стана глобален хит и се најде на врвот на топ-листи во 26 земји.
Откако видеото беше поставено на официјалниот Јутјуб канал на Мараја Кери во 2009 година, спотот има 748 милиони прегледи. Иако ќе бидат потребни уште неколку години да стигне до една милијарда, треба да се има предвид дека повеќето прегледи се концентрирани само во празничната сезона – за разлика од најгледаниот музички спот на Јутјуб, „November Rain“ од „Ганс енд Роузис“, кој може да се слуша преку целата година.
Една од најобработуваните модерни божиќни поп-песни
„All I Want For Christmas is You“ стана и една од најобработуваните модерни божиќни поп-песни. Кери во 2011 година дури ја сними повторно како дует со Џастин Бибер за неговиот албум „Under the Mistletoe“.
Денес постојат буквално десетици обработки. Канадскиот кантавтор Мајкл Бубле ја објави својата верзија во ноември 2011 како водечки сингл од неговиот божиќен албум, а изведувачи како Оливија Олсон, Пи Џеј Мортон, Доли Партон со Џими Фелон и Сило Грин исто така го изведувале овој празничен хит. Песната се појави и во божиќниот филм „Вистинска љубов“ (Love Actually) од 2003 година.
Пребарување на Јутјуб ќе ви покаже и десетици други изведби од Аријана Гранде, Мајли Сајрус, Деми Ловато и многу други.
Најстримувана песна
Секако, за многу обожаватели, ништо не може да го надмине оригиналот – што ја објаснува причината зошто Мараја Кери сè уште зема толку огромни суми од авторски права.
Според извештајот на „VerizonSpecials“ за 2022 година за најбараните празнични хитови, песната го задржа првото место втора година по ред. Беше најпопуларната песна на листата, со 15 американски сојузни држави и Дистриктот Колумбија кои најмногу ја пребарувале.
VerizonSpecials исто така наведува дека „All I Want for Christmas is You“ стана една од најстримуваните песни на Спотифај, каде веќе ја надмина границата од една милијарда слушања. На почетокот на овој месец, беше преслушана повеќе од 1,1 милијарда пати.


