Снимка од вселената на „Артемис 2“/Фото: Принтскрин/Инстаграм/НАСА

ВИДЕО | Астронаутите од „Артемис 2“ со моќна велигденска порака: „Во ова огромно ништо, Земјата е нашата прекрасна оаза“

За време на мисијата „Артемис 2“, првата мисија во рамки на новата програма на НАСА за враќање на човекот на Месечината, астронаутите Виктор Главер, Рид Вајзмен, Кристина Кох и Џереми Хансен се наоѓаат во вселенската капсула „Орион“ на пат околу земјиниот сателит. Целта на оваа мисија е да се тестираат системите и подготовките за идни слетувања на Месечината, како и да се унапредат човечките можности за истражување на вселената.

Додека капсулата се движи кон далечната страна на Месечината, на растојание од стотици илјади километри од Земјата, Виктор Гловер сподели силна и емотивна велигденска порака за човештвото, пренесува „Спејс“.

Гледајќи ја Земјата од таа перспектива, тој ја опиша како единствена, кревка оаза во огромната празнина на вселената и ги повика луѓето да ја ценат планетата и да се обединат, без разлика на нивните разлики.

На прашањето од новинар дали сака да сподели велигденска порака, тој одговори дека нема ништо однапред подготвено, но истакна дека ваквите моменти се важни. Потоа ја даде својата инспиративна порака:

„Вие зборувате со нас затоа што ние сме во вселенски брод навистина далеку од Земјата, но вие сте на вселенскиот брод наречен Земја, кој е создаден за да ни овозможи место за живеење во универзумот. Можеби растојанието меѓу нас прави да мислите дека тоа што го правиме е нешто посебно, но ние сме на исто растојание од вас. И сакам да ви кажам — верувајте ми — вие сте посебни.“

„Во сета оваа празнина — ова е едно огромно ништо, она што го нарекуваме универзум — вие имате оваа оаза, ова прекрасно место каде што сите заедно постоиме,“ рече тој за Земјата. „Мислам дека, додека влегуваме во Велигденскиот празник, размислувајќи за сите култури низ светот, без разлика дали го славите или не, дали верувате во Бог или не, ова е можност да се потсетиме каде сме, кои сме и дека сме истото, и дека мораме да поминеме низ ова заедно.“

Тој додаде дека, и покрај огромната празнина на универзумот, Земјата е прекрасно место за заеднички живот и дека сите луѓе, без разлика дали веруваат или не, треба да се потсетат дека се дел од истата човечка приказна и дека мораат да соработуваат и да се поддржуваат меѓусебно.

Во ист дух, мисијата „Артемис 2“ продолжува по патот што го започна мисијата „Аполо 8“, кога астронаутите првпат ја обиколија Месечината и ја прикажаа Земјата како мала и прекрасна планета. И тогаш и сега, пораката останува иста — единство, заедништво и свесност за нашето место во универзумот.

ВИДЕО | Успешно полетување на мисијата „Артемис 2“ кон Месечината – прва со човечки екипаж по половина век

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот