Вештачка интелигенција може да предвиди АДХД кај деца години пред дијагнозата
Вештачката интелигенција би можела да помогне во рано откривање на деца со ризик од АДХД, години пред да биде поставена официјална дијагноза, покажува ново истражување.
Препорачано
АДХД е едно од најчестите ментални нарушувања кај децата, кое погодува околу 8 отсто од децата и тинејџерите. Симптомите вклучуваат проблеми со концентрацијата, немир и импулсивност, но многу случаи остануваат недијагностицирани со години, што значи дека децата не добиваат навремена поддршка.
Во студија на „Дјук хелт“, научниците откриле дека алатки базирани на вештачка интелигенција можат да анализираат електронски здравствени досиеја и да проценат дали едно дете има ризик да развие АДХД, уште во раното детство.
Резултатите, објавени во списанието „Нејчр ментал хелт“, покажуваат дека во секојдневните медицински податоци се кријат обрасци кои можат да помогнат лекарите порано да ги идентификуваат децата на кои им е потребна дополнителна проценка и следење.
Истражувачите анализирале податоци од повеќе од 140.000 деца, со и без АДХД, при што моделот учел да препознава комбинации од развојни, однесувачки и клинички фактори што се појавуваат години пред дијагнозата.
Системот покажал висока точност, особено кај деца постари од пет години, без разлика на полот, етничката припадност или социјалните услови.
Експертите нагласуваат дека раното откривање може да значи и порано започнување со поддршка, што е поврзано со подобри образовни, социјални и здравствени резултати.
„Децата со АДХД често се соочуваат со сериозни предизвици кога нивните потреби не се препознаени навреме“, вели една од авторките на студијата, додавајќи дека навремените интервенции се клучни за нивниот развој.
Сепак, научниците потенцираат дека оваа алатка не е наменета да ги замени лекарите.
„Ова не е доктор базиран на вештачка интелигенција. Станува збор за алатка што им помага на клиничарите подобро да го насочат своето време и ресурси, за ниту едно дете да не остане без потребната помош“, истакнуваат истражувачите.
Слични технологии веќе се разгледуваат и за подобро разбирање на ризиците и причините за ментални нарушувања кај адолесцентите.
Според здравствените институции, најчести симптоми на АДХД кај деца се лесна одвлеченост, тешкотии со слушање и извршување задачи, заборавање и зголемена енергија, како постојано движење или немир.
Се смета и дека нарушувањето е недоволно препознаено кај девојчињата, бидејќи кај нив почесто се јавуваат симптоми на невнимание, кои потешко се забележуваат.


