Немате АДХД само зашто сте го заборавиле чадорот или не сте ја исчистиле собата: зошто не треба сами да си лепите дијагнози?
Младите несвесно може да ги засилат или да ги имитираат однесувањата што ги гледаат онлајн поради сугестија, особено ако тие им нудат објаснување или чувство на припадност, па да поверуваат дека имаат психолошко растројство, предупредува психологот Ангела Будиновска.
Многумина сѐ почесто се самодијагностицираат со ментални растројства кои можеби воопшто и ги немаат, потпирајќи се на онлајн информации за различни психолошки нарушувања во кои лесно се препознаваат. Популаризацијата на психолошкиот жаргон и зголемената свесност за растројствата имаат и негативна страна, особено кога идентификувањето со одредени состојби е резултат на тренд, а во некои случаи доведува до банализирање на искуствата на луѓето кои навистина живеат со психолошки растројства.
Препорачано
Одредени нарушувања, како хиперактивното растројство (АДХД), опсесивно-компулсивното нарушување и анксиозните растројства, имаат симптоми кои делумно се преклопуваат со вообичаени човечки карактеристики, но во значително поинтензивна форма. Токму затоа, луѓе може да се пронаоѓаат во овие дијагнози, иако, според психолозите, ваквиот пристап може да биде погрешен и потенцијално штетен.
Психологот Ангела Будиновска за „Слободен печат“ објаснува дека самодијагностицирањето во последните години станува сѐ почеста појава и во земјава како тренд. Значителен број помлади луѓе, вели таа, доаѓаат на првиот разговор убедени дека имаат одредена дијагноза, најчесто врз основа на онлајн тестови, видеа или на лични искуства на други луѓе со кои комуницирале на интернет.
Што најчесто „имаат“ луѓето?
Според Будиновска, луѓето најчесто се самодијагностицираат со АДХД, анксиозни нарушувања, депресија и со опсесивно-компулсивно нарушување (ОЦД).
— Овие состојби имаат симптоми што делумно се поклопуваат со нормалните човечки искуства, како што се: невнимание, тага, грижа, потреба за ред и други. Младите лесно се препознаваат во поедноставени описи на истите. Социјалните мрежи имаат огромно влијание. Кратките видеа честопати користат лични приказни и „листи на симптоми“ со кои младите емоционално се идентификуваат, без да се прикаже целосниот клинички контекст или критериумите за поставување дијагноза — вели таа.
Будиновска додава дека е особено проблематично тоа што симптомите се извадени од контекст, без времетраење, интензитет и без функционално нарушување, коишто се клучни критериуми за дијагноза. Ова, вели Будиновска, создава лажна сигурност и збунетост.
Слично искуство има и психологот Катина Павловска, која за „Слободен печат“ вели дека и помлади и постари луѓе, по читање содржини на интернет, сè почесто доаѓаат кај психолог со веќе „готови“ дијагнози за себе.
— Тинејџери не сакаат да учат, губат фокус, што е нормално, но добро е што прашуваат психолог. Тие доаѓаат со спремни дијагнози, а ние честопати не се согласуваме со тоа што го велат бидејќи, сепак, како психолози имаме поголемо искуство. Но, добро е тоа што некои од нив доаѓаат да се консултираат со психолог, наместо да останат на онлајн дијагнозата — вели Павловска.
Будиновска го посочува и таканаречениот ефект на сугестија, кој дополнително го продлабочува проблемот.
— Несвесно, младите можат да ги засилат или имитираат однесувањата што ги гледаат онлајн, особено ако тие им нудат објаснување или чувство на припадност. Сепак, тоа создава проблеми, како погрешно разбирање на сопствената состојба, занемарување на вистинските причини, стигматизација, па дури и избегнување стручна помош. Особено опасна е нормализацијата на сериозни нарушувања како „тренд“ или идентитет — предупредува таа.
Будиновска нагласува дека препознавањето во одредени симптоми не значи автоматски и дијагноза.
— Препознавањето во симптом не значи дијагноза. Интернетот може да биде почетна точка за информирање, но не и замена за стручен разговор. Вистинската грижа за менталното здравје почнува со професионална проценка, а не со етикетирање — порачува психологот.
Зависност од интернет или АДХД?
Будиновска објаснува дека зависноста од интернет е состојба на прекумерна и неконтролирана употреба на интернет и на дигитални уреди, при што онлајн активностите почнуваат да го нарушуваат секојдневното функционирање – вниманието, спиењето, учењето, социјалните односи и емоционалната стабилност.
Таа се манифестира преку постојана потреба за екранска стимулација, тешкотии со концентрацијата, раздразливост и преку импулсивно однесување доколку нема пристап до интернет, што може да создаде впечаток на клиничко нарушување.
Психологот објаснува дека прекумерната изложеност на интернет и екрани може да предизвика симптоми слични на АДХД.
— Прекумерната изложеност на екрани и кратки видеа може да доведе до намалена концентрација и импулсивност. Во клиничка пракса, разликата се прави преку детална анамнеза, развоен тек, трајност на симптомите и преку нивна појава во различни средини и околности — вели Будиновска.

Таа посочува дека некои од симптомите, кај дел од младите, значително се намалуваат откако ќе се намали изложеноста на екрани и на интернет и по подобрување на спиењето и на дигиталните навики, што укажува дека не станува збор за вистинско нарушување.
Една третина од испитаниците мислат дека имаат растројство
Според истражување на американската здравствена група „Лајфстенс хелт“, 28 отсто од возрасните редовно користат „терапевтски јазик“, споредено со значително повисоки 50 отсто од генерацијата З, популарен термин за луѓето родени меѓу 1997 и 2012 година.
Истражувањето покажува дека речиси една четвртина (23%) од испитаниците побарале совет за ментално здравје на социјалните мрежи, а речиси една третина (29%) се самодијагностицирале со ментална состојба врз основа на содржините што ги виделе онлајн.
Од учесниците во анкетата, 40 отсто гледаат термини како „траума“, „нарцис“, „токсичен“ постојано на социјалните мрежи. Од нив, 32 отсто велат дека ваквите содржини ги навеле да ги преиспитаат своите односи, 52 проценти сметаат дека блиска личност е „токсична“, а 45 отсто мислат дека ги „гeслајтува“ или дека ги „бомбардира со љубов“ (28%).
„Геслајтингот“ и бомбардирањето со љубов се форми на психолошка манипулација. Првото подразбира доведување на другиот во сомнеж во сопствената реалност, а второто е прекумерно покажување наклонетост за брзо емоционално врзување, што подоцна може да прерасне во контрола.
Овие манипулации постојат, но експертите предупредуваат дека нивната некритичка и честа употреба онлајн може да доведе до погрешни интерпретации и до неоправдано етикетирање сложени меѓучовечки односи.
Колкумина навистина имаат ментално растројство?
Глобалната распространетост на менталните нарушувања изнесува 13 отсто, при што највисока е стапката на анксиозни нарушувања (4,1 проценти), по што следуваат депресивните нарушувања (3,8 проценти), според анализа на податоци од базата на Институтот за здравствени метрики и евалуација, добиени во 2019 година.
Експертите за ментално здравје сметаат дека желбата за брзи одговори и за моментално задоволување на сомнежите може да ги наведе луѓето да ги заобиколат традиционалните канали за барање стручна помош и, наместо тоа, да се потпрат на самодијагноза заснована на онлајн информации, а фактот дека тинејџерите честопати се онлајн отвора прашања за можните последици врз менталното здравје.
Лесниот пристап до информации отвора сериозни прашања за точноста, веродостојноста и за соодветноста на содржините на кои се изложени луѓето, а онлајн заедниците можат да ги зацврстат заблудите и да придонесат за нормализирање на самодијагностицирањето.


