Велосипедот е решението на две тркала за излез од кризата со нафта, вели „Зелен хуман град“
Војната на Блискиот Исток која ескалираше и доведе до затворање на Ормускиот теснец, а во Македонија тоа се почувствува со тоа што преку ноќ цената на дизелот се покачи за 14.5 денари, а на бензите за 5 денари по литар, што според иницијативата „Зелен хуман град“ доведе до очекувани редици на бензинските пумпи за граѓаните да заштедат некој денар на гориво. Активистите велат дека решението од кризата со нафта е на две тркала.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Што доколку постои лесен и едноставен начин за транспорт низ урбаните делови на државава кој не само што овозможува заштеда на средства од семејниот буџет, туку и заштитување на животната средина и на планетата Земја како и на воведување на пропратна физичка активност во секојдневниот живот? Па имате среќа, таков начин за транспорт постои и се нарекува велосипед“, соопшти иницијативата.
„Зелен хуман град“ се залага за изградба на велосипедски патеки и ленти на секои 250 метри.
„Исто и праведна распределба на буџетот со најмалку 15% за пешачка и 15% за велосипедска инфраструктура и проширување на вело-мрежата од околу 144 на најмалку 300 километри, со вело-пријателски крстосници, конектори низ населбите и повеќе зеленило. Со ова Скопје би станал еден од највело-пријателските градови на Балканот“, велат од иницијативата.
Според „Зелен хуман град“, транспортот со велосипед се смета за еден од најефикасните и најеколошки начини на движење, бидејќи создава значително помалку јаглерод диоксид емисии во споредба со моторните возила. Наместо гориво, посочува иницијативата, велосипедот користи човечка енергија, што директно придонесува за намалување на загадувањето и заштита на животната средина.
„Возењето велосипед не е корисно само за животната средина, туку и за нашето здравје. Велосипедизмот придонесува за подобрување на кардиоваскуларното здравје, зајакнување на мускулите и подобрување на општата физичка кондиција“, соопштуваат активистите.
ФОТО | Активисти учат основци како безбедно да возат, но и како да доаѓаат со велосипед до училиште
Истовремено, дополнуваат од таму, секојдневното движење со велосипед помага во намалување на стресот, подобрување на расположението и одржување на здрава телесна тежина.
„’Зелен хуман град’ со години наназад, во континуитет, предлага мерки со цел максимизирање на потенцијалите за обновлива енергија, кои Македонија ги има во изобилие токму за во вакви ситуација на геополитички превирања да не бидеме како држава увозно зависни од соседите и ‘нашите стратешки партнери’ за основните потреби за живот“, стои во соопштението.


