Редици за гориво на бензинска пумпа во Скопје / Фото: „Слободен печат“ / Драган Митрески

Регулаторната комисија придонесе за хаосот со нафтените деривати: Промени правилник, а бензинските пумпи „се снајдоа“

Цените на нафтата на берзите растат со молскавична брзина. Ако на 28 февруари чинеше 63-64 долари за барел, во петокот достигна 90 долари, а денес во утринските часови скокна на 116 долари. Експертите и понатаму нагласуваат дека недостиг на нафта нема, но дека геополитичките случувања и затворањето на Ормутскиот теснец низ кој поминува 20 отсто од нафтата, прават голем притисок врз цената. Македонија нема директна зависност од него, но цените се глобални и тие се прелеваат и кај нас.

Во вакви услови Регулаторната комисија за енергетика го измени Правилникот – секој понеделник да се формира нова цена со важност од полноќ кон вторник, место дотогашната практика со вонредна одлука цените да се менуваат ако треба и секој ден. На тоа бензинските пумпи реагираат со тоа што повремено не точат бензин.

Енергетскиот експерт Митко Андреевски вели дека дистрибутерите на нафтени деривати не манипулираат со затворањата на пумпите за да добијат пари, туку за да не загубат.

– Цените се менуваат на дневно ниво. Дистрибутерите денес купуваат, денес продаваат. Регулаторната комисија во вакво време реши да менува правилник и еднаш неделно да пресметува нова цена. Како тогаш некој во понеделник да продаде бензин по цена утврдена од минатиот понеделник која е неспоредливо помала со денешната? Таа на дневна основа се смени за 20-30 проценти. Дистрибутерите на нафтени деривати не се социјална установа и затоа тие бараат начин да се заштитат. Нивниот начин е да не продаваат бензин и дизел-гориво – вели Андреевски.

Тој потенцира дека воопшто не станува збор за недостиг на нафта, но дека таа како берзански продукт е лесно подложна на промени на цени. Згора на тоа е стравот на народот, кој хаотично купува гориво повеќе отколку што му треба.

– Расте цената и во земјите што имаат свое производство на нафта, а не па кај нас, кои сме целосно увозно зависни – истакнува нашиот соговорник.

 

Стојкоски: За четири дена направивме 250 контроли, 26 бензински немаа гориво

Бензинските пумпи, пак, не смеат да не точат гориво и да тактизираат. За тоа се и проверките од Државниот пазарен инспекторат. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека инспекторите се постојано на терен. Иако бензинските пупи во Скопје многу често, особено во вечерните часови, ставаат ленти околу пумпите како информација дека не точат бензин, или пак продавачите усно ги информираат граѓаните, премиерот Мицкоски тврди дека има „привремен недостиг на одредени бензински пумпи во пограничните општини“.

– Забележани се такви однесувања на некои пумпи поради голем притисок од соседните држави, каде што цената на енергенсите е 40 до 50 проценти повисока отколку кај нас – рече Мицкоски, додавајќи дека разликата во цените е особено видлива со Србија, каде што цената на горивото достигнува 120 до 130 денари, додека во Македонија е околу 71 денар.

Од Регулаторната комисија, пак, сосема неочекувано го сменија Правилникот за формирање највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати. На овој начин овозможија цената да биде најниска во регионот, затоа што ја забетонира на понеделничкото ценовно ниво, но затоа бензинските пумпи неофицијално прават отвори-затвори.

Состанокот што се одржа во Владата со престаниците на нафтената индустрија се одржа еден ден откако Регулаторната комисија го измени Правилникот. Интересно е што два дена претходно, односно во понеделникот, Регулаторната комисија испрати соопштение до медиумите дека секојдневно ќе ги следи состојбите и ќе ги менува цените ако пресметките покажуваат дека во крајната малопродажна цена ќе има зголемување или намалување од најмалку 2 денара за литар за бензините, дизел-горивата и за екстра лесното гориво и еден денар за мазутот.

– Со ваквиот пристап се обезбедува сигурност, стабилност и предвидливост на пазарот со нафтените деривати, а сè со единствена цел да се заштитат потрошувачите од големи ценовни осцилации – изјавија тогаш од РКЕ.

Во вторникот немаше никаква промена на цената, а во средата измената на Правилникот беше поставена на службената страница на Регулаторна, но до медиумите не стигна никакво објаснување зошто го сменија ставот. Регулаторната комисија треба да биде независно тело и тука нема место за мешање на Владата за да се постигнат најниски цени во регионот, за кои зборуваше премиерот.
Во целата оваа состојба, дистрибутерите на нафтени деривати не кажаа ниту збор.

Повеќе бензиски пумпи по 22 часот не точат гориво

Во Црна Гора слично како кај нас, па бензинските се заканија со затворање

Здружението на нафтени компании на Црна Гора вчера предупреди дека во текот на денот дека постои сериозен ризик од прекини во снабдувањето со гориво во земјата. Оттаму посочија дека цената на нафтата, а особено на евродизелот кај добавувачите е за 30 проценти повисока од цените по кои горивото моментално се продава во Црна Гора.
Црногорското здружение на нафтени компании тврди дека проблемот е во регулативата по која се пресметуваат максималните малопродажни цени во Црна Гора на секои две недели и дека не ја следи динамиката на промените на меѓународниот пазар.
Кај нас цените се утврдуваат еднаш неделно, а за период од една недела имаше огромен скок на берзите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот