Стојкоски: За четири дена направивме 250 контроли, 26 бензински немаа гориво
Директорот на Државниот пазарен инспекторат вели дека побарувачката на нафтените деривати е зголемена за три до четири пати.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски, во изјава за „Слободен печат“ вели дека инспекторите постојано ја контролираат работата на бензинските пумпи и дека ќе продолжат и во наредниот период.
Препорачано
– Во четвртокот, петокот, саботата и во неделата направивме 250 контроли на бензински пумпи. Кај 25 или 26 бензински пумпи е забележано дека немаат бензин или дека точат до одреден лимит. Кај тие што немаа бензин, забележавме дека повторно точеа по три до четири часа, откако направија надополнување со бензин. Ако имаат на залиха бензин, тие мора да точат бензин – вели Стојкоски.
Тој објасни дека ограничувањето на количините е според Законот, односно дека регулативата тоа го дозволува во услови на зголемена побарувачка.
– Побарувачката на нафтените деривати е зголемена за три до четири пати. Нормално е да се случи во такви услови во одреден момент да снема бензин на бензинска пумпа. Но, главно нема проблем со снабдувањето со нафтените деривати. Сепак, за да се обезбеди континуитет, во даден момент, во согласност со Законот за заштита на потрошувачите, продавачот може да воведе ограничувања на продажбата. Ова важи и за нафтените деривати, како што важи, на пример ако нема доволно млеко, масло за јадење или слично – вели Стојкоски.


