Фото: „Вело училишта“

ФОТО | Активисти учат основци како безбедно да возат, но и како да доаѓаат со велосипед до училиште

Програмата „Вело училиште“ на еколошката организација „Еко логик“, која долги години се заложува велосипедизмот да се изучува во формалното и неформалното образование, деновиве организираше нови работилници за учениците – како безбедно да возат, контролираат, но и како да доаѓаат со точак до училиште.

„Преку ‘Основи на безбедно возење на велосипед’ учениците научија како да го подготват велосипедот пред возење — проверка на кочници, гуми и правилно прилагодување. Преку практични вежби вежбаа старт, одржување рамнотежа и контролирано запирање, развивајќи сигурност и координација“, соопштија од „Вело училишта“.

Според организацијата, се разговарало и за безбедно однесување околу училиштето и одговорно движење во училишна средина.

Фото: „Вело училишта“

Претходно, се работело и на темата „Основни делови на велосипедот, видови на велосипеди и употреба на велосипедот како превозно средство во секојдневниот живот“.

Фото: „Вело училишта“

Учениците се запознале со основните делови на велосипедот, какви разни точаци постојат, но и нивната намена во однос на теренот и условите за движење.

Фото: „Вело училишта“

„Преку дискусија се отвори прашањето колку велосипедот се употребува во секојдневието и дали може почесто да се користи за да се дојде до училиште. Учениците размислуваа што им е потребно да се чувствуваат безбедно – помал сообраќај околу училиштето, повеќе простор за движење и подобра организација при пристигнување и заминување“, информираа од „Вело училишта“.

Фото: „Вело училишта“

Обуки периодов се одржуваат и за настаниците по физичко образование меѓу 1-5 одделение. Активистите од „Вело училишта“ им ги претставиле моделите „Педибус“ и „Бицибус“ како едноставни, но моќни решенија за побезбедно движење на основците околу училиштата.

„Зад овие активности не стои само грижа за безбедноста, туку и јасна визија за градење здрави навики и одговорно однесување уште од најмала возраст. Активностите се отворени и инклузивни – ги охрабруваат и девојчињата и момчињата, како и децата со попреченост, да бидат дел од заедницата и да се чувствуваат безбедно и прифатено. На овој начин, ‘Вело училишта не само што промовира активна мобилност, туку и ги поставува темелите на инклузија и одговорност“, соопштија од организацијата.

Како што велат, доброто управување започнува уште од најрана возраст – со мали чекори што создаваат големи промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот