УЖАС: 11-годишното дете со церебрална парализа, не било искапено една година!

Куќата во која преживувал Илче

Директорката на Центарот за социјални работи Охрид, Ајтен Мусли, тврди дека малечкиот Илче, единаесетгодишното дете кое синоќа на Детска Клиника по ургенции на министерот за здравство Венко Филипче беше хоспитализирано, не било искапено една година. На прашањето на „Слободен печат“ дали смета дека институцијата што ја раководи успешно се справи со случајот на 11 годишното момче со церебрална парализа, напуштено од двајцата родители, незгрижено од никого, Мусли одговори негативно.

– Не се справивме успешно. Категорично не. А причината е во тоа што немаме домови. Сите врати на сите домови ни беа затворени. На родителите треба да им се одземе родителското право и за нив да следуваат кривични пријави. Колегите што вчера беа да го видат откако случајот излезе во јавноста, ми кажаа дека детето не било искапено една година. Нас ни пријавија дека мајката го напуштила Илче, а исто и таткото. Веднаш пријавивме во полиција и полицијата ја нашла во струшко село мајката и таа е вратена дома. Станува збор за лице со психички нарушувања. Во меѓувреме баравме домови да го сместиме Илче, но сите врати ни беа затворени, верувајте. Барав во кабинетот да приитснат, зашто мојот глас никако не врвеше. Како може така да се остави дете со церебрална парализа им велев. Во меѓувреме им однесовме еднократна помош, дезинфекциски средства, пелени, но треба соодветно медицинско лице да се грижи во ваков случај. Јас лично се јавував во болници, за да го примат, но не сакаа, заради ковидот. Детето не било искапено една година, ниту мајката ниту никој дома не го сторил тоа и тоа го констатираа социјалните работници кои вчера попладнето отидоа во домот каде што живеат, изјави Мусли за „Слободен печат“.

Случајот на Илче ја разбранува јавноста и го привлече вниманието на властите откако беше објавен во „Слободен печат“. Во „купи-продај“ огласник познаник на семејството објави дека го чува Илче во куќа во Охрид, со само една чаша млеко дневно, и дека му треба помош детето да биде згрижено.

ПОТРЕСНА ПРИКАЗНА: 11-годишно дете со церебрална парализа оставено без терапија и со чаша млеко во куќа во Охрид

По ова, Министерството за труд и социјална политика, вети згрижување на детето во Демир Капија, но откако ќе биде опоравен и медицински згрижен на Клиниката за детски болести во Скопје.

Со возило на итната медицинска помош, од Охрид за Скопје синоќа Илче беше префрлен на Детската Клиника, а таму медицинска екипа му подготви соба во одделот за изолација, каде ќе биде сместен се додека не бидат готови резултатите од тестот за Ковид 19.

Од Клиниката за детски болести, за „Слободен печат“ тврдат дека детето било примено со екстремна потхранетост, со контрактури, за медицинска проценка, иследување и третман. Виталните параметри се стабилни.

– Дежурниот тим на Детска клиника ќе направи се за на детето да му овозможи соодветен третман и лекување. Детето е добро и чекаме резултати од ковид. Најверојатно ќе биде тука некое време за да се опорави. Ноќта ја поминало добро и сите биле ангажирани околу него. Чекаме негативен тест за да го сместиме во одделение. Моментално е на ургентен. Бидејќи и порано се лекувал на клиниката, имаме цела историја на болеста и знаеме како да постапиме, велат од Детска Клиника.

Министерот за здравство Венко Филипче, по објавата на сторијата на Слободен печат лично се заинтересира и испрати екипа на Брза помош да го земе момчето со претходна согласност од оние што го чуваат, за да му бидат извршени сите медицински прегледи кои му се неопходни на Клиниката за детски болести во Скопје.

11-годишното момче со возило на итната помош и со ургенции на Филипче се префрла на Детска Клиника во Скопје

Министерството за труд и социјална политика во текот на денот извести дека детето е згрижено во мал групен дом, но Слободен печат во попладневните часови од соседи на детето дозна дека тоа воопшто не е така и дека никој не дошол на лице место, туку само телефонски ги контактирале, за да им кажат дека наредниот ден момчето ќе биде тестирано за Ковид 19 а дури после два дена однесено во мал групен дом во Демир Капија.

Меѓутоа, 48 часа се предолг временски период за дете со церебрална парализа да не биде хоспитализирано, да биде без терапија, инфузија, витамини и во влошена здравствена состојба за која Центарот за социјални работи Охрид покажа исклучителна неажурност.

Според информации кои ги добивме од соседите што живеат во куќата веднаш до онаа каде се наоѓало момчето, таму социјални работници дошле дури во текот на доцните попладневни часови, иако институцијата се наоѓа во непосредна близина на куќата.

Како што тврдат соседите, детето лежело на подот од собата, постојано офкало и било екстремно слабо. Но, и ова не ги алармирало социјалните служби да постапат итно, туку чекале да дојде и утрешниот ден и само по притисок на јавноста случајот е конечно разрешен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот