Управа за извршување санкции: Не беа испочитувани процедури при спроведувањето на Мемети

Затвор Идризово / Фото: МИА

Повеќе правила и процедури не беа испочитување при спроведувањето на избеганиот убиец Беким Мемети од затворот „Идризово“ до Ургентниот центар „Мајка Тереза“, соопшти Управата за извршување санкции по петочниот вонреден стручен надзор во КПД Идризово. Соопштението уследи неколку часови откога премиерот Димитар Ковачевски, незадоволен од функционирањето на затворскит систем, најави разрешување на првиот човек на Управата Марјан Спасовски.

Потенцирајќи дека, со оглед на фактот што учесниците во настанот кои се припадници на затворската полиција (освен повредениот затворски полицаец) уште во текот на ноќта морале да се упатат во просториите на надлежниот сектор на МВР, а со нив и Командирот на одделение кој го координира настанот, службените лица од Управата не биле во можност со истите да разговараат, туку за текот на настанот се информирале од директорот на КПД Идризово и од Заповедникот на затворската полиција во оваа установа, оттаму констатираат дека не е постапено во согласност со правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција врз основа на кој е пропишана и постапката за спроведување вон установата.

– Имено, за да биде едно осудено лице спроведено за интервенција до здравствена установа, за неговата здравствена состојба мора да се подготви упат од здравствен работник, т.е. лекар во установата, или вон работното време со констатација и напатствие дадено од екипа на итна медицинска помош која во овој случај не била повикана. Одлуката за да може осудениот да биде спроведен до Клинички центар ја донел Командирот на одделение и ја потпишал Наредбата за да се изврши спроводот. За да ја потпише оваа наредба ,Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено, а директорот откако ќе биде запознаен со здравствениот проблем усно ќе даде овластување наредбата да биде потпишана – информираат од Управата.

Следното правило што, според информацијата, не е испочитувано е што осуденото лице наместо да биде сместено во специјално обезбедениот дел од возилото, истото по предлог на командирот било сместено во вториот дел на седиштата помеѓу два припадника на затворската полиција. Притоа, затворскиот полицаец кој седел до осуденото лице воопшто немал со себе огнено оружје кое бил должен да го носи, а вториот затворски полицаец од кого е одземен пиштолот со кој е пукано во возилото, не се однесувал со должно внимание и не го спречил дејствието при кое пиштолот му е одземен.

Управата за извршување на санкциите потсетува дека командирот на одделение и припадниците на затворската полиција кои го вршеле спроводот со одлука на директорот на КПД Идризово, истиот ден се суспендирани од своите работни места.

Ќе има смена на директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот