Во март 2026 почна изградбата на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје / Фото: Фејсбук

Универзитетите на албански јазик ќе бидат рамноправни, велат од Вреди по преговорите со МОН за законите за високо образование

Министерството за образование и наука (МОН) ги заокружи преговорите за новиот закон за високото образование. Последната средба на оваа тема, министерката Весна Јаневска ја оствари со коалицискиот партнер Вреди, со што се отвори патот законот утре да биде проследен во владина процедура.

Според Вреди, во процесот на подготовка на законите, биле одржувани континуирани консултации со ректори и професори, при што барањата на универзитетите, особено на оние на албански јазик, биле директно вклучени во реформските решенија.

„Новите правила за рангирање на универзитетите за организирање трет циклус на студии ќе овозможат само најдобрите институции да ги спроведуваат овие програми, со што ќе се подигне квалитетот на високото образование. Универзитетите на албански јазик ќе бидат активен и конкурентен дел од овој процес. Со законските изменим универзитетите на албански јазик нема да бидат оштетени или маргинализирани, туку ќе имаат рамноправна позиција со сите други високообразовни институции во државата“, соопштија од Вреди.

Како пример за поддршката, од партијата ја посочуваат инвестицијата од околу 40 милиони евра за кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“, со цел, како што велат, овие институции да станат поконкурентни на национално и меѓународно ниво.

„Образованието мора да биде темел на развојот на државата“ – започна изградбата на новиот кампус на Универзитетот Мајка Тереза

„Со предложените измени ниту еден вработен нема да го изгуби работното место, туку ќе се воспостават нови механизми за поттикнување на професионалниот развој и напредувањето на академскиот кадар. Дополнително, се предвидува и поголема автономија на универзитетите со цел унапредување на нивниот квалитет и развој“, соопштија од Вреди.

Од Вреди велат дека се преговарало и за Хиршовиот индекс (h-index), за што потврди и самата министерка Јаневска. Овој индекс се користи за мерење на продуктивноста и влијанието на научните публикации, а во јавноста предизвика дискусии за тоа дали треба да биде примарен критериум за академско напредување.

„Имавме шест точки кои ги дискутиравме и со сите шест се усогласивме и утре законот оди во владина процедура. Пет од точките и порано беа дискутирани, затоа што ова беше континуиран процес, и тие веќе воопшто не беа спорни. Последната точка за која дискутиравме беше Хиршовиот индекс, за кој, исто така, најдовме решение – тој да не биде основен елеменет како критериум за избор, туку да влезе во додатните елементи во критериум за избор. Во тој случај, кога двајца професори ќе имаат идентични бодови пресуден да биде Хиршовиот индекс. Тоа сега е прифатено“, рече министерката Јаневска.

Инаку, по повод пакетот-закони што сега ќе влегуваат во владина процедура, периодов се појавија разни реакции од академската заедница, професори и од организации.

Форумот за образовни промени денес обвини дека „законот кој треба да го штити квалитетот на високото образование се претвора во инструмент за политичка контрола“.

„Преку предложениот закон за квалитет во високото образование, се легализира преземањето на два клучни тела кои одлучуваат кои студиски програми и институции за високо образование се акредитираат, а кои не. ФОП се загрижени и за неисполнувањето на стандардите утврдени од Европската асоцијација за квалитет во високото образование, ENQA. МОН предлага две тела за одлучување: Совет за квалитет — Управен одбор, но загрижувачки е тоа како е предвиден нивниот состав. Седум од 15-те членови на Советот за квалитет, телото кое одлучува кои програми и институции се акредитираат, се именуваат директно од Владата. Ова е во директна спротивност со стандардите на ENQA. Владата не треба да има последен збор за акредитацијата. Академскиот квалитет не може да зависи од тоа која политичка партија го води извршното тело“, реагираа од ФОП.

ФОП за финалната верзија на законот за високо образование: „Консултациите беа театар во кој студентите и професорите беа статисти“

Вчера, пак, Независниот академски синдикат (НАкС) соопшти дека иако репризно се состанале со МОН, сепак немало разбирачка за повеќето нивни предлози.

„И покрај изнесените аргументи и укажувања, НАкС со жалење констатира дека на средбата не беа прифатени најголем дел од нашите предлози за подобрување на текстот на законите. Претставниците на МОН изразија отвореност само за подобрено дефинирање на релевантните научни бази за научното поле на јазиците и книжевноста“, посочуваат од НакС.

Преговорите на НАкС со МОН се водеа околу автономијата на универзитетите, за распределбата на надлежностите меѓу независните тела и извршната власт, за условите за избор во наставно-научни и научни звања, за финансирањето на научноистражувачката дејност, како и за финансиската и кадровската автономија на високообразовните и научните установи.

МОН не ги прифати најголемиот дел наши забелешки за законите за високо образование, реагира Независниот академски синдикат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот