УКИМ / Фото: Слободен печат - Слободан Ѓуриќ

ФОП за финалната верзија на законот за високо образование: „Консултациите беа театар во кој студентите и професорите беа статисти“

Весна Јаневска за изработката на законот за високо образование патуваше од град во град, организираше состаноци, ги слушаше студентите и професорите и ги трошеше парите на граѓаните. Сето ова, за на крајот, заедно со тајните составувачи на законот, да направи точно она што сакала и планирала од самиот почеток. Финалната верзија на законот докажува дека јавните консултации беа само фасада на демократијата, театар во кој студентите и професорите беа статисти, реагираат од Форумот за образовни промени (ФОП).

Коментирајќи ја финалната законска верзија, која сега треба да оди кај пратениците на гласање, ФОП посочува дека националното студентско тело нема да биде правно признаено.

„Тоа е затоа што обединетите студенти за нив претставуваат закана, а правното признавање на оваа студентска организација би го оневозможило токму она што овој закон го цели: фрагментацијата“, забележуваат од Форумот.

Понатаму, реагираат дека со новиот закон нема да биде формиран и Советот за етика.

„Тоа е затоа што универзитетите со етички кодекси на хартија, но без независни механизми за спроведување, се многу полесни за контрола. Плагијаризмот, фалсификувањето и академската злоупотреба ќе продолжат, не поради небрежност, туку затоа што никој нема да биде обврзан да ги спречи“, нагласуваат од Форумот.

Совет за етика против плагијати, но и да се спречи непотизмот и сексуалното вознемирување на универзитетите, предлага ФПО

Семејното вмрежување на факултетите и непотизмот отсега ќе бидат легални, велат од Форумот, укажувајќи дека нивниот предлог да не се брише членот кој го спречувало непотизмот не е земен предвид.

„Освен што ризикуваме факултетите да ги наполниме со браќа и сестри, пораката која им се испраќа на оние кои досега вработуваа свои роднини е дека биле во право“, посочуваат оттаму.

Исто така, реагираат дека Х-индексот останува, но сега како факултативен критериум.

„Секој универзитет сам избира од која платформа го мери, што во пракса значи дека ќе ги избираат платформите најлесни за манипулација. Нашето барање беше јасно: да се укине како услов за напредување. Индикатор кој се купува преку ‘citation mills’ не мери квалитет, мери кој има пари. (Воедно) седниците на Сенатот ќе останат затворени. Барањето за нивно директно пренесување беше одбиено. Универзитетите се финансираат од парите на граѓаните, но граѓаните немаат право да знаат како се трошат и какви одлуки се донесуваат зад затворени врати“, стои во реакцијата.

Помалку автономија, повеќе непотизам – академската заедница го критикува предлог-законот за високо образование

Ги повикуваат пратениците да не гласаат за закон кој, како што велат, е изработен според „интересите и личните каприци на шака луѓе сè уште непознати за јавноста“.

„(Од друга страна) барањата на ФОП произлегуваат од секојдневните консултации со студентите и нашиот глас не смее да остане неслушнат. Да се разгледаат уште еднаш барањата на професорите и Независниот академски синдикат (НАкС)“, бараат од ФОП.

Од НАкС слично како и Форумот, реагираа дека нивните предлози биле игнорирани, а нацрт-законите за високо образование и науката во нивната суштина останале непроменети. Побараа разговорите со ресорното минитерство да продолжат, со цел, како што рекоа, да се спречат непоправливи штети.

„Инсистирањето на МОН и на Владата да ги поднесат законските решенија во планираната форма нема да овозможи зголемување на квалитетот во високото образование и науката. Напротив, тоа ќе создаде невозможни услови за реализација на високообразовната дејност, невозможни услови за напредување на младите научници и ќе предизвика сериозен упад на политиката во универзитетската автономија“, нагласија од НАкС, кои истовремено ги објавија и своите забелешки кон законското решение.

Законите за високо образование во оваа форма ќе направат непоправливи штети, реагира Независниот академски синдикат

Од друга страна, Јаневска на неколку пати тврдеше дека сите конструктивни забелешки се веќе вметнати во законските решенија, а автономијата на универзитетите нема да се чепка, туку се воведува обврска за отчетност кон Владата за средствата што ги добиваат.

Новиот закон не ја чепка автономноста на универзитетите, но имаат обврска за отчетност, вели Јаневска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот